Производи

Кредити за производство, преработка и извоз на земјоделски производи

 

Цел на кредитната линија
Цел на кредитната линија е преку кредитирање на крајни корисници од страна на МБПР, да се обезбеди подобрување и развој на производните способности кај микро, малите и средни претпријатија чија основна дејност е производство, преработка или извоз на земјоделски производи и нивни преработки. Со тоа би се подобрил нивниот капацитет за настап на домашниот и странските пазари и би се зголемиле инвестициите, вработеноста и конкурентноста во Република Македонија.

 

Производство

Кредит за производство на земјоделски производи


РАБОТНА ПРЕЧИСТЕНА ВЕРЗИЈА НА ОДЛУКАТА ЗА УСЛОВИТЕ И КРИТЕРИУМИТЕ ЗА РЕПЛАСИРАЊЕ НА СРЕДСТВАТА ОД КОМПЕНЗАЦИОНИТЕ ФОНДОВИ ОД СТРАНСКА ПОМОШ
со 12.11.2015

Оваа работна пречистена одлука е направена со цел полесно информирање на потенцијалните кредитокорисници и не произведува никакво правно дејство. Изворната Одлука како и Одлуките за изменување и дополнување се прикажани во прилог.

Член 1

Средствата од сметките на Компензационен фонд за странска помош Италија, Компензационен фонд за странска помош и Компензационен фонд за странска помош – Јапонија кои ги формираат Компензациониот фонд од странска помош и Компензациониот фонд од друга странска помош (во натамошниот текст: фондови) со состојба на 31.5.2012 година се префрлаат на три посебни наменски сметки на Македонска банка за поддршка на развојот АД Скопје (во натамошниот текст: Банка) во Народна банка на Република Македонија.
Банката во име и за сметка на Владата на Република Македонија врз основа на склучен договор со Владата на Република Македонија ќе управува со средствата и ќе одобрува кредити на правни лица регистрирани во Република Македонија според условите и критериумите утврдени со оваа одлука.
Договорот од став 2 на овој член во име и за сметка на Владата на Република Македонија се потпишува од министерот за финансии.

Член 2

Средствата од фондовите ќе се користат за одобрување кредити на:

  • микро, мали и средни претпријатија кои се занимаваат со примарно земјоделско производство,
  • микро, мали и средни претпријатија кои се занимаваат со преработка на земјоделски производи и
  • микро, мали и средни претпријатија кои се занимаваат со откуп и извоз на примарни земјоделски производи и нивни преработки.

Средствата ќе се одобруваат за подобрување и развој на нивните производни способности, за настап на домашниот и странските пазари, зголемување на инвестициите, за зголемување на вработеноста, за продуктивно почетно инвестирање и за зголемување на конкурентноста.
Микро, мали и средни претпријатија во смисла на оваа одлука се микро, малите и средни претпријатија дефинирани согласно Законот за контрола на државната помош.

Член 3

Банката во име и за сметка на Република Македонија склучува договори за кредит со корисниците на средства согласно оваа одлука.

Член 4

Кредитобарателите треба да ги исполнуваат следните критериуми:

  • сопствено учество најмалку 20% од вкупната инвестиција;
  • задоволителен степен на ликвидност и способност за сервисирање на долгот;
  • позитивни финансиски резултати во последната фискална година и
  • да нема достасани неизмирени обврски кон државата (даноци, придонеси и други обврски).

По исклучок од став 1 на овој член, кредито-баратели можат да бидат:

  • новоосновани претпријатија чии што основачи се правни лица со позитивен финансиски резултат  во последната  фискална година и
  • претпријатија кои во последната фискална година оствариле негативен финансиски резултат, доколку обезбедат банкарска гаранција  за одобрениот кредит.

 Член 5

Средствата се одобруваат за кредити под следните услови:

  1. За кредити за примарно земјоделско производство со кои може да се набават основни и обртни средства за:
    - растително производство: поледелство (житни, индустриски, градинарски и фуражни култури); овоштарство; лозарство;
    - сточарско производство: говедарство, овчарство, свињарство, козарство, живинарство, аквакултура, пчеларство;
    - нова земјоделска погонска и приклучна механизација;
    Износ на кредитот е до 300.000,00 евра.
    Еднократна провизија при одобрување е 0,8% од износот на кредитот.
    Годишна каматна стапка е 2%.
    Рок на враќање до 60 месеци со вклучен грејс период од една година за основни средства и до 18 месеци за обртни средства со вклучен грејс период од три месеци. За време на грејс периодот се пресметува и наплатува камата.
  2. За кредити за преработка на земјоделски производи со кои може да се набават основни и обртни средства и тоа:
    - опрема за преработка на земјоделски производи;
    - изградба на нови и купување или реконструкција на постоечки производни објекти во функција на преработка и складирање на земјоделски производи;
    - откуп на земјоделски производи за преработка (најмалку 70% од основната суровина за преработка треба да биде со потекло од домашно производство);
    - набавка на сите видови компоненти за производство на добиточна храна;
    - набавка на компоненти од неземјоделско потекло во функција на крајниот производ (најмногу 30% од инвестицијата);
    - амбалажа и етикетирање.
    Износ на кредитот е до 300.000,00 евра, а по исклучок за откуп на суровини за преработка на грозје, пченица, овошје и зеленчук, износот на кредитот може да изнесува најмногу до 500.000,00 евра.
    Еднократна провизија при одобрување е 0,8 % од износот на кредитот.
    Годишна каматна стапка е 2%.
    Рок на враќање до 60 месеци со вклучен грејс период од една година за основни средства и до 18 месеци за обртни средства со вклучен грејс период од три месеци. За време на грејс периодот се пресметува и наплатува камата.
  3. За кредити за извоз на примарни земјоделски производи и нивни преработки со кои може да се набават основни и обртни средства за потребите на откуп и извоз и тоа:
    - разладни уреди за кондициско одржување на употребливата вредност на производите до нивната продажба;
    - машини за калибрирање и пакување;
    - изградба на нови и купување или модернизација на постоечки објекти за постбербени активности (складирање, кондициско одржување на производите до нивна продажба, калибрирање, пакување) за овошје и зеленчук и собирни центри за млеко;
    - откуп на примарни земјоделски производи наменети за извоз;
    - откуп на преработени земјоделски производи наменети за извоз (100% домашно потекло);
    - амабалажа и етикетирање.
    Износ на кредитот е до 300.000,00 евра.
    Еднократна провизија при одобрување е 0,8 % од износот на кредитот.
    Годишна каматна стапка е 2%.
    Рок на враќање до 60 месеци со вклучен грејс период од една година за основни средства и до 18 месеци за обртни средства со вклучен грејс период од три месеци. За време на грејс периодот се
    ресметува и наплатува камата.
    Задолжувањето на корисникот, пресметувањето на каматата и плаќањето на доспеаните обврски ќе се врши во денари. Во случај на задоцнување на плаќањето на обврските во утврдените рокови на стасаните, а неизмирени обврски се пресметува и наплатува казнена камата сметано од првиот ден на стасувањето до денот на наплатата во висина пропишана со закон.

Член 6

Користењето на кредити од член 5 од оваа одлука се остварува врз основа на поднесено барање до Банката.
Кон барањето подносителот е должен да достави:

  • инвестициона програма или бизнис план;
  • информација за тековна состојба на субјектот, издадена од Единствениот трговскиот регистар при Централниот регистар на Република Македонија;
  • докази за исполнување на критериумите утврдени во член 4 од оваа одлука: 
  • потврда за запишано земјоделско стопанство и пријавени производни капацитети издадена од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство при аплицирање за кредити за примарно земјоделско производство;
  • за користење на кредити за откуп на примарни земјоделски производи да достави важечки договор за производство и откуп со примарниот производител;
  • решение за упис во соодветните регистри на преработувачи и извозници на земјоделски производи при Министерство за земјоделие, шумарство и водостопанство при аплицирање за кредити за преработка на земјоделски производи и извоз на примарни земјоделски производи и нивни преработки;
  • ЗП образец копие (образец за потписници во име на фирмата);
  • Потписен картон (копија)
  • Изјава за капитална поврзаност;
  • Биланс на состојба и биланс на успех најмалку за последната фискална година (копија) и заклучни листови со истите дати;
  • Заклучен лист за тековната година со последна дата која е прокнижена;
  • Промет на жиро сметката за тековната година или минимум за последните шест месеци (компјутерски листинг на картичка 1000 од сметководство);
  • Аналитички преглед по комитенти -спецификација на групи 12, 22 и 25 (купувачи, добавувачи и кредити) со иста дата за која се однесуваат заклучните листови;
  • Ревизорски извештај, (се однесува за трговски друштва кои согласно закон се обврзани да изготвуваат ревизорски извештај);
  • Акционерска книга и книга на удели;
  • Документација за обезбеден пазар за набавка на суровините и продажба на готовите производи (по можност да се достават понуди и договори со потенцијални купувачи и добавувачи);
  • Документација за можното обезбедување;
  • Профактури и останата документација за средствата што ќе се финансираат од кредитот;
  • Изјава за задолженост во други банки и финансиски институции.

Член 7

За одобрување на користењето на кредит одлучува Банката и со корисникот на кого му е одобрено користење на кредитот се склучува договор.
Кон договорот корисникот на кредитот приложува обезбедување на кредитот и тоа хипотека од прв ред на недвижен имот најмалку во висина од 2:1 во однос на износот на одобрениот кредит и пресметаната камата или банкарска гаранција во висина на одобрениот кредит и пресметаната камата.

Член 8

Средствата од одобрениот кредит се префрлаат по барање на корисникот на негова сметка и истите се користат само за намената за која се одобрени во рок од 90 дена од денот на приемот на средствата.
За наменското искористување на средствата, корисникот доставува соодветна документација до Банката во рок од осум дена од денот на плаќањето.

Член 8-а

Предмет на кредитирање можат да бидат и набавки кои се реализирани до 180 денови пред поднесување на кредитното барање од страна на кредитобарателот до Банката.
Како доказ за наменско искористување на средствата од став 1 од овој член, кредитобарателот  заедно со документацијата наведена во член 6 од оваа одлука, дополнително ја доставува и целокупната документација за извршените набавки (фактури, договори за купопродажба, банкарски налози и изводи и друга документација).“

Член 9

Доколку Банката утврди дека средствата од кредитот се ненаменски искористени, кредитот се смета за доспеан во целост. Банката го следи наменското користење на средствата во текот на целиот период.

Член 10

Со денот на влегување во сила на оваа одлука престануваат да важат Одлуката за условите и критериумите за репласирање на средствата од компензациониот фонд од странска помош (“Службен весник на Република Македонија“ бр. 60/2004) и Одлуката за репласирање на средствата од Компензационите фондови од друга странска помош („Службен весник на Република Македонија“ бр. 28/2005).
Започнатите постапки ќе се довршат според одлуките врз основа на кои се започнати.
За кредитите кои се одобрени согласно Одлуката за условите и критериумите за репласирање на средствата од Компензациониот фонд од странска помош (“Службен весник на Република Македонија“ бр. 42/1995), Одлуката за условите и критериумите за репласирање на средствата од Компензациониот фонд од странска помош (“Службен весник на Република Македонија“ бр. 51/2001), Одлуката за условите и критериумите за репласирање на средствата од Компензациониот фонд од странска помош (“Службен весник на Република Македонија“ бр. 60/2004) и Одлуката за репласирање на средствата од Компензационите фондови од друга странска помош (“Службен весник на Република Македонија“ бр. 28/2005) ќе се применуваат одредбите од истите до целосно враќање на кредитите.

Формулари за аплицирање

 

Во прилог:

* Сите измени и дополнувања се вметнати во Работната пречистена верзија на Одлуката за условите и критериумите за репласирање на средствата од компензационите фондови од странска помош.