Меѓународна соработка
Македонска Банка за поддршка на развојот ад Скопје е членка на неколку меѓународни организации на институции, кои работат на исти или слични области како и МБПР: главно развојно-финансиски институции и извозно-кредитни агенции. Овие финансиски институции го поддржуваат развојот на економиите, ги намалуваат ризиците, вршат размена на информации и други начини на соработка. МБПР настојува да ги интензивира контактите и добрите односи со разни меѓународни институции, деловни банки, осигурители и ре-осигурители.
МБПР членува во следните меѓународни здруженија:
1. Европско здружение на јавни банки. Здружението е активно од 2000 год. и ги застапува интересите на финансиските институции во државна сопственост во однос на законодавните тела на ЕУ.
2. Прашки клуб, дел од Бернска унија
Бернска унија е основана 1934 година со цел да ја поддржи меѓународната трговска размена и инвестициите. Членките на Бернска унија се јавни и приватни финансиски институции од повеќе земји кои преку поддршка на извозот и надворешните инвестиции ја промовираат меѓународната размена и инвестициите на развиените и на пазарите во развој. За таа цел тие вршат осигурување на побарувањата на извозниците или на нивните банки од политички и комерцијални ризици. Членките на Бернска Унија поддржуваат вкупно 10% од вкупната светска трговска размена.
Прашки клуб е основан на иницијатива на Бернската унија и неколку извозно кредитни агенции во почетокот на 90-тите години. Членките на Прашки клуб се кредитни агенции кои според големината, обемот на поддршката што го даваат во светската трговија е помал во споредба со поддршката што ја обезбедуваат членките на Бернска унија. Основната цел на ова здружение е обезбедување поддршка на своите членки во развојот на краткорочно и долгорочно извозно кредитно осигурување и финансирање. Членките на Прашки клуб одржуваат редовни состаноци со цел разменување на искуства. Македонска банка за поддршка на развојот е членка на Прашки клуб од 2001 година.
МБПР има склучено договори за соработка со следните кредитни агенции и развојни банки: АОФИ од Србија, БАЕЗ од Бугарија, ХБОР од Хрватска, СИД-ПКЗ од Словенија, ИГА од Босна и Херцеговина, МЕХИБ од Унгарија, КУКЕ од Полска, ЕГФИ од Иран, ЕКСИМГАРАНТ од Белoрусија, СЕП од Саудиска Арабија, ТУРК ЕКСИМБАНК од Турција, Бугарската развојна банка (БДБ), Германската развојна банка (КфВ) и други.
МБПР соработува со повеќе меѓународни институции, како: ОЕЦД, Светска банка, МИГА, ИБРД, ЕИБ, ЕБРД, ЦЕБ...
Соработка со Европската инвестициона банка. ЕИБ е финансиска институција на Европската унија формирана 1958 година со Римскиот договор, која учествува рамо до рамо со локалните финансиски институции во финансирањето на инвестициските програми и проекти кои се дел од целите на Европската унија и на Р. Македонија.
Мисијата на ЕИБ е преку финансирање на квалитетни проекти да овозможи поддршка во остварувањето на целите на политиката на Европската унија. Покрај поттикнувањето на проекти на државите членки, една од основните кредитни активности е и финансирање на инвестиции во идните членки на Европската унија и земјите партнери, кои позитивно влијаат на јакнење на европските интеграции. Во таа насока се одвива и соработката на ЕИБ со МБПР. Притоа МБПР својата соработка со ЕИБ ја интензивира особено кога на 25. јуни 2009 год. го потпиша договорот за реализација на кредитна линија за поддршка на МСП и приоритетни проекти (индустриски инвестиции од областа на економијата, енергетиката и заштита на околината) во износ од 100.000.000 ЕУР. Оваа соработка продолжи и на 14. октомври 2011 год. се потпиша нов договор за реализација на втора фаза од оваа кредитна линија исто така за поддршка на МСП и приоритетни проекти од областа на економијата, енергетиката, услужните дејности и заштита на околината во вкупен износ од 50.000.000 ЕУР.
МБПР ги пласира кредитните средства на ЕИБ во соработка со комерцијалните банки преку постоечките програми за кредитирање, за што подетални информации можете да добиете во Вашата деловна банка или директно во МБПР. Банките учеснички од кредитната линија на ЕИБ одобруваат кредитни средства кои се минимум за 50 базични поени поповолни од каматната стапка која Банките учеснички би ја наплатувале од крајните корисници без учеството на ЕИБ.
Веруваме дека соработката меѓу МБПР и ЕИБ во условите на пристапувањето на РМ во Европската унија директно ќе придонесе кон зачувување на постоечките работни места и зголемување на бројот на вработени, зголемување на извозот како и зголемување и развој на македонското стопанство.



