За МБПР

Закон за Македонска банка за поддршка на развојот


Службен весник на РМ бр. 105/09 од 21.08.2009 год.

СОБРАНИЕ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Врз основа на член 75 ставови 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, претседателот на Република Македонија и претседателот на Собранието на Република Македонија издаваат

У К А З

ЗА ПРОГЛАСУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА МАКЕДОНСКА БАНКА ЗА ПОДДРШКА НА РАЗВОЈОТ

Се прогласува Закон за Македонска банка за поддршка на развојот, што Собранието на Република Македонија го донесе на седницата одржана на 18 август 2009 година.

Бр. 07-3635/1
18 август 2009 година
Скопје

Претседател
на Република Македонија,
Ѓорге Иванов , с.р.

Претседател
на Собранието на Република
Македонија,
Трајко Вељаноски , с.р.

ЗАКОН ЗА МАКЕДОНСКА БАНКА ЗА ПОДДРШКА НА РАЗВОЈОТ

 Член 1

Со овој закон се уредуваат целите, задачите, активностите, работењето и организацијата на Македонската банка за поддршка на развојот.

Член 2

Цел на Македонската банка за поддршка на развојот (во натамошниот текст: МБПР) е да го поддржува и поттикнува развојот на македонското стопанство во согласност со стратешките политики, цели и приоритети на Република Македонија.

Член 3

МБПР е акционерско друштво во кое Република Македонија е единствен акционер.

Член 4

Во работењето МБПР се придржува на следниве принципи:
- неконкурентност, недискриминација и транспарентност во работењето,
- рентабилност и ефикасност и
- економска оправданост на инвестиционите проекти и инвестициите.

 Член 5

(1) Доколку со овој закон поинаку не е уредено, на МБПР соодветно се применуваат одредбите од Законот за банките, освен одредбите за висината на почетниот капитал и потребниот износ на сопствени средства за вршење на одредени активности, дозвола за основање и работење, согласности на акционер, ограничување на права од акции, согласност за измена и/или дополнување на статутот на банка при зголемување на почетниот капитал, повисока стапка на адекватност на капитал што може да ја пропише гувернерот и за администрација.
(2) На работењето на МБПР не се применува Законот за супервизија на осигурувањето.
(3) На постапката за зголемување на почетниот капитал на МБПР не се применуваат одредбите од Законот за хартии од вредност за издавање, понуда и продажба на хартии од вредност и одредбите од Законот за трговските друштва за зголемување на основната главнина.
(4) На МБПР не се применуваат прописите за издвојување и одржување на задолжителна резерва на сметки кај Народната банка на Република Македонија за ограничување на порастот на пласманите и за отворена девизна позиција.
(5) Прописите за издвојување и одржување на задолжителна резерва на сметки кај Народната банка на Република Македонија и за ограничување на порастот на пласманите не се однесуваат и на пласманите на комерцијалните банки од средства на МБПР.

Член 6

(1) Почетниот капитал на МБПР изнесува 932.400.000,00 денари.
(2) Република Македонија може да го зголемува почетниот капитал на МБПР со уплата на средства од Буџетот на Република Македонија, како и од други средства на Република Македонија врз основа на одлука на Владата на Република Македонија. Зголемувањето се врши со соодветно зголемување на бројот на акциите на МБПР.
(3) Собранието на МБПР донесува одлука за зголемување на почетниот капитал која содржи износ на зголемувањето и број и род на акциите.
(4) Одлуката од ставот (3) на овој член има карактер на одлука за измена на Статутот на МБПР.
(5) Зголемувањето на почетниот капитал се запишува во трговскиот регистар што го води Централниот регистар на Република Македонија и се спроведува во Централниотдепозитар за хартии од вредност.

 Член 7

За извршување на задачите и активностите утврдени со овој закон МБПР обезбедува средства по пат на задолжување во земјата и странство и со издавање на должнички хартии од вредност во согласност со закон.

Член 8

Остварената нето добивка од деловната година се распоредува во резервите на МБПР.

 Член 9

(1) МБПР одговара за своите обврски со целиот свој имот.
(2) Република Македонија гарантира за обврските на МБПР. Вкупните обврски на МБПР не можат во кое било време да надминат десет пати од износот на сопствените средства на МБПР.

 Член 10

Основни задачи на МБПР се:
1) финансирање на развојот на трговските друштва основани во Република Македонија;
2) поттикнување на извозот;
3) поддршка на мали и средни претпријатија основани во Република Македонија;
4) финансирање на инфраструктурата;
5) поддршка на регионалниот развој и
6) финансирање на проекти за обезбедување и заштита на животната средина и на обновливи извори на енергија.

 Член 11

(1) Заради извршување на целите и задачите утврдени со овој закон, МБПР ги врши следниве активности:
1) кредитирање во земјата, вклучувајќи и финансирање на комерцијални трансакции;
2) издавање на платежни гаранции, авали и други форми на обезбедување;
3) откуп, продажба и наплата на побарувања;
4) платен промет во земјата и во странство, вклучувајќи продажба на девизи;
5) факторинг и форфетинг за сметка на клиенти;
6) тргување со хартии од вредност во свое име и за своја сметка;
7) прибирање, обработка и анализа на информации за кредитна способност на правни лица и нивна продажба;
8) економско-финансиски консалтинг;
9) кредитно осигурување од комерцијални и политички ризици и
10) осигурување на инвестиции.
(2) МБПР активностите од ставот (1) на овој член ги врши во свое име и за своја сметка и во име и за сметка на Република Македонија врз основа на договор.
(3) МБПР може да врши и други активности и работи од свое име и за своја сметка, доколку истите се во врска со извршувањето на задачите од членот 10 на овој закон и активностите од ставот (1) на овој член. МБПР може да прима депозити од правни и физички лица само доколку истите служат како обезбедување на плаќањата во врска со активностите на МБПР од ставот (1) на овој член.
(4) МБПР нема да и одобрува кредити или да и издава гаранции и други форми на обезбедување на Република Македонија и на буџетските корисници и единките корисници на средства од Буџетот на Република Македонија.

Член 12

Активностите од членот 11 на овој закон МБПР може да ги врши преку други банки или небанкарски финансиски институции и/или директно и/или заеднички со други банки или небанкарски финансиски институции.

 Член 13

(1) За реализација на проекти или програми на Владата на Република Македонија, МБПР одобрува кредити со субвенционирана каматна стапка.
(2) Владата на Република Македонија и МБПР склучуваат договор во кој ќе се утврдат условите под кои ќе се врши субвенционирање на каматните стапки, износот на средствата и начинот на нивно обезбедување и пренесување на МБПР.

 Член 14

(1) Стапката на адекватност на капиталот на МБПР не смее да биде пониска од 8%.
(2) Голема изложеност за МБПР претставува изложеност спрема лице и со него поврзани лица од 10% од сопствените средства на МБПР.
(3) Изложеноста на МБПР спрема лице и со него поврзани лица не смее да надмине 25% од сопствените средства на МБПР.
(4) По исклучок од ставот (3) на овој член, изложеноста на МБПР спрема банка може да изнесува најмногу до двојниот износ на сопствените средства на МБПР.
(5) Надзорниот одбор на МБПР одобрува изложеност спрема одделна банка од над 25% од сопствените средства на МБПР.
(6) Советот на Народната банка пропишува посебна методологија за исправка на вредноста, односно за издвојување на посебна резерва од страна на МБПР, при што се раководи од специфичниот статус и задачите на МБПР.

 Член 15

(1) Изложеноста на банките и другите финансиски институции кон МБПР има третман на изложеност кон Република Македонија.
(2) Безусловните гаранции плативи на прв повик и полисите за кредитно осигурување издадени од МБПР како инструмент за обезбедување, при утврдување на актива пондерирана според кредитниот ризик од страна на банките се третира како побарување од Република Македонија.

 Член 16

(1) Банките и другите финансиски институции не смеат да ги заложуваат своите побарувања кои се произлезени од активности со средства од МБПР.
(2) Правните дела воспоставени спротивно на ставот (1) од овој член се ништовни.
(3) Во случај на стечај или ликвидација на банка или небанкарска финансиска институција преку која се пласирани средства на МБПР, побарувањата на МБПР по основ на главен долг со споредните побарувања и обезбедувања, се пренесуваат на МБПР.

 Член 17

(1) Органи на МБПР се Собрание, Надзорен одбор, Управен одбор, Одбор за управување со ризици, Одбор за ревизија и други органи предвидени со Статутот на МБПР, согласно со Законот за банките.
(2) Надзорниот одбор на МБПР го сочинуваат пет члена.
(3) Владата на Република Македонија ги именува членовите на Надзорниот одбор и тоа тројца на предлог на министерот за финансии, еден на предлог на потпретседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашање и еден на предлог на министерот за економија.
(4) Владата на Република Македонија ги именува членовите на Надзорниот одбор по претходно добиена согласност од гувернерот на Народната банка на Република Македонија.
(5) Членовите на Надзорниот одбор се и претставници на државниот капитал во Собранието на МБПР.
(6) Управниот одбор на МБПР го сочинуваат два члена.

 Член 18

(1) Супервизија на работењето на МБПР, во рамките на своите надлежности, врши Народната банка на Република Македонија.
(2) Надзор на работењето што МБПР го врши во име и за сметка на Република Македонија врши Министерството за финансии.
(3) МБПР најдоцна до 31 мај во тековната година доставува до Собранието на Република Македонија и Владата на Република Македонија годишен извештај за работењето во претходната година.

 Член 19

Над МБПР не може да се покренува и води стечајна или ликвидациона постапка.

Член 20

Одредбата од членот 12 на овој закон за директното извршување на активностите од страна на МБПР ќе почне да се применува од 1 јануари 2010 година.

Член 21

На пласманите одобрени до влегувањето во сила на овој закон ќе се применуваат прописите што важеле при нивното одобрување.

Член 22

Македонска банка за поддршка на развојот основана со Законот за основање на Македонска банка за поддршка на развојот („Службен весник на Република Македонија“ број 24/98, 6/2000, 109/2005 и 130/2008) продолжува да работи како Македонска банка за поддршка на развојот согласно со одредбите од овој закон.

Член 23

(1) Средствата од Гарантен фонд формиран со Законот за основање на Македонска банка за поддршка на развојот („Службен весник на Република Македонија“ број 24/98, 6/2000, 109/2005 и 130/2008) се пренесуваат во почетниот капитал на МБПР, а во рок од 30 дена од влегувањето во сила на овој закон, МБПР ќе изврши соодветно зголемување на бројот на акциите.
(2) Гаранциите издадени од Гарантниот фонд до денот на влегувањето во сила на овој закон се обврска на МБПР.

Член 24

Постојните членови на Управниот одбор на МБПР продолжуваат да ја извршуваат функцијата на членови на Управен одбор до истекот на рокот за кој е издадена согласнот од гувернерот на Народната банка на Република Македонија.

Член 25

Методологијата од членот 14 став (6) на овој закон Советот на Народната банка на Република Македонија ќе ја донесе во рок од три месеца од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Член 26

Со денот на влегувањето во сила на овој закон престанува да важи Законот за основање на Македонска банка за поддршка на развојот („Службен весник на Република Македонија“ број 24/98, 6/2000, 109/2005 и 130/2008).

Член 27

Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.