ОПШТИ ОДРЕДБИ
1. Кредитната политика на МБПР има за цел да ги дефинира принципите според кои ќе се извршува кредитната функција на Македонската банка за поддршка на развојот (МБПР). При тоа приоритети ќе има поддржувањето на развојот (преку сеопфатна поддршка на малите и средните претпријатија како интегрален дел на стопанството) и промовирањето на извозот како стратешка определба на Република Македонија.
2. Со Кредитната политика ќе се обезбедуваат кредити и други финансиски иснтрументи за субјектите на сите стопански сектори. Притоа, имајќи ја предвид структурата на капиталот и изворите, како и поширокиот стопански амбиент, посебно внимание ќе се даде на кредитирањето на малите и средни претпријатија и на кредитирањето на извозот (подготовката на производството за извоз и извозот), што, пак, се регулира со посебна Политика на МБПР за промоција на извозот.
3. Своите кредити и другите финансиски инструменти МБПР ќе ги пласира до корисниците на кредитите преку деловните банки во Република Македонија (банки- учеснички), согласно Законот за основање на МБПР.
4. Во принцип, МБПР ќе одобрува среднорочни и долгорочни кредити, со исклучок на кредитирањето на извозот (и подготовката на производство наменето за извоз) каде се предвидува стимулирање на извозните активности на македонските претпријатија преку кредитирање на кратки рокови, со поволни каматни стапки и соодветни износи (подетално обработено во Политиката за промоција на извозот).
5. Банките класифицирани во првата и втората група кои со одлука ги утврдува Управниот одбор според методологијата за рангирање на банки - учеснички ќе извршат трансфер на средствата до крајниот корисник по добиената согласнот од МБПР, со исклучок, на кредитите од Микрокредитната линија за финансиска поддршка на МСТД на Европската агенција за реконструкција за кои не се бара согласност од МБПР. Кај кредитите од KfW и кај Германско – Македонскиот фонд, при одобрување на кредитот на крајниот корисник задолжителна е и согласност која ја дава KfW односно Канцеларијата за координација на GTZ - DEG .
6. Кредитната политика на МБПР има за цел да обезбеди:
| |
пласирање на кредити за поттикнување на инвестициите и развојот кај малите и средни претпријатија; |
| |
пласирање на кредити за отпочнување со работа или за нови работи кај постојни мали и средни претпријатија; |
| |
пласирање на кредити за промоција на извозот на претпријатијата во РМ (Политика за промоција на извозот); |
| |
издавање на гаранции за поддршка на извозните активности на претпријатијата во РМ (Политика за промоција на извозот); |
| |
донации од странство. |
7. Структурата и квалитетот на кредитите на МБПР, како и другите стандарди на кредитирањето треба да бидат одраз на оваа Кредитна политика. Таа е во функција на водење и фокусирање на кредитните активности на МБПР. За да обезбеди дека ваквата определба е јасна и разбирлива за сите на кои се однесува, Кредитната политика на МБПР се носи во вид на Одлука, во писмена форма, што Управниот одбор ја проследува на извршување до Директорот на Банката.
8. Кредитната политика како деловна стратегија на МБПР, всушност, се состои од поединечни политики, начела и стандарди кои се однесуваат на различни аспекти на кредитирањето и кои како комплекс на одлуки ја сочинуваат политиката на МБПР во делот на финансирањето.
9. Во случај на позитивна оценка на кредитното барање од страна на МБПР односно банката учесничка, користењето на кредитот се извршува во зависност, во рамките и во согласност со расположливите средства (сопствени или од кредитните линии од странство), законските прописи, одлуките на НБРМ, правилата за одржување на ликвидноста и солвенстноста на МБПР и одлуките за нејзино кредитно задолжување во странство. БАНКИ - УЧЕСНИЧКИ 10. Банки – учеснички можат да бидат деловните банки во Република Македонија.
11. Основен критериум за назначување на една банка како “банка – учесничка” е финансиската состојба и усогласеноста со законските прописи од областа на банкарството.
Покрај основниот критериум, банката-учесничка треба да ги исполнува и следниве специфични критериуми:
да постои најмалку три години;
да има способност да презема кредити, да има проверен и обучен кредитен персонал, соодветна организација, адекватни процедури и задоволителни резултати од досегашните активности на планот на долгорочното кредитирање;
да покажува солидни финансиски резултати во работата, адекватна висина на капиталот и солидни показатели на ликвидноста и профитабилноста;
да има задоволителен квалитет на кредитното портфолио.
12. МБПР има развиено Сектор за кредитирање за оценка и ризична класификација на деловните банки со кои соработува или кои изразуваат интерес за соработка во реализацијата на финансиските програми. Секоја банка-учесничка се анализира најмалку еднаш годишно,
13. МБПР ги ограничува своите пласмани кон банките- учеснички во кредитните програми,
Кредитната изложеност на МБПР спрема поединечна банка-учесничка (во форма на лимити) се утврдува еднаш годишно со посебна одлука на Одборот за раководење со ризикот, на предлог на Комисијата за оценка на бонитетот именувана од Управниот одбор.
Кај Микрокредитната линија за финансиска поддршка на МСТД (ЕАР), посебни лимити не се утврдуваат за банките, но затоа, пак, одлуките за избор на банка и извештаите за состојбата на депозитите кај банките подлегнуваат на согласност односно одобрение од ЕАР.
14. Одлуката за избор и прифаќање на деловните банки како банки-учеснички во реализацијата на програмите и финансиските продукти на МБПР, ја донесува Управниот одбор на МБПР, врз основа на оценките од Комисијата за оценка на бонитетот на банките – учеснички.
Одлуката за избор на банките – учеснички во програмата на Микрокредитната линија за финансиска поддршка на развојот на МСТД треба да биде одобрена и од Европската агенција за реконструкција.
Одлуката за избор (и ревизија на изборот) на банките – учеснички за програмата на КМБ (Кредитирање на мали бизниси) ја носи KfW преку назначен консултант IPC.
15. МБПР ќе бара од банките – учеснички редовно да доставуваат податоци, информации и документација, од кои ќе можат да се изведат релевантни оценки за конзистентноста во исполнувањето на условите за квалификација за учество во реализацијата на кредитните програми на МБПР. КРЕДИТНИ ИНСТРУМЕНТИ
16. Банката ги нуди следните видови кредитни инструменти:
1) Кредитна линија за финансирање на МСТД
Намената на овие кредити е за набавка на основни средства (минимум 50%) и обртни средства (максимум 50%), како и за отпочнување на нов бизнис. Со средствата од кредитната линија не се финансира набавка на основни стада и долгогодишни насади. Кредитите ќе се одобруваат од сопствените средства на МБПР, на рок до 8 години (вклучително и грејс период до 1 година), со каматна стапка согласно Одлуката за каматните стапки. Износот на овие кредити ќе се движи од 15.000 до 200.000 ЕУР, во денарска противвредност. Крајни корисници се трговски друштва со над 51% приватна сопственост. Со кредитите не можат да се рефинансираат други кредити.
Вратените средства од Германско-македонскиот фонд (DEG) се вклучуваат во оваа кредитна програма и се пласираат според истите услови.
2) Кредити од кредитната линија на KfW
Кредитите се обезбедуваат од кредитната линија на KfW , Германија, во вкупен износ од 15 милиони ЕУР, и тие се наменети за набавка на основни средства (70%) и за финансирање на обртни средства (30%). Кредитите се одобруваат во девизи, рокот на отплата е до 8 години, вклучувајќи го и грејс периодот до 1 година. Распонот на износите за овие кредити е од 50.000 до 400.000 ЕУР, а каматната стапка се утврдува согласно условите на KfW ( по нивно известување) и делот што и припаѓа на МБПР, согласно Одлуката за каматните стапки. Корисници на овие кредити се правни лица со над 51% приватна сопственост. Со кредитите не можат да се рефинансираат други кредити.
Од вратените средства од кредитната линија од KfW се формира Револвинг фонд, од кој повторно се одобруваат кредити. Намената на овие кредити е набавка на основни средства (60%). Кредитите се одобруваат со рок на враќање до 4 одини (вклучувајќи грејс период до 6 месеци). Каматната стапка на овие кредити се утврдува согласно Одлуката за каматните стапки. Износот на овие кредити ќе се движи од 50.000 до 400.000 ЕУР. Крајни корисници на кредитите се трговски друштва со над 51% приватна сопственост, кои веќе користеле кредит од кредитната линија од KFW или од други кредитни линии на МБПР. Корисници на овие кредити можат да бидат и нови трговски друштва.
3) Стоков кредит од Италијанската Влада
Кредитите се обезбедуваат од стоковиот кредит што Владата на Република Италија го има одобрено на Македонската Влада, во вкупен износ од 12,7 милиони ЕУР, и тие се наменети за набавка на машини, опрема и технологија од италијанско потекло. Кредитите се одобруваат во девизи, рокот на отплата е до 5,5 години и грејс период до 1,5 година. Распонот на износите за овие кредити е од 50.000 до 2.000.000 ЕУР, а каматната стапка се утврдува согласно условите на Италијанската влада и делот што и припаѓа на МБПР (согласно Одлуката за каматните стапки). Корисници на овие кредити се МСТД со над 51% приватна сопственост. Со кредитите не можат да се рефинансираат други кредити.
Од вратените средства од кредитната линија од Италијанската влада се формира Револвинг фонд, од кој повторно се одобруваат кредити. Намената на овие кредити е за трајни обртни средства. Кредитите се одобруваа на рок од 1 до 3 години во зависност од износот, со каматна стапка согласно Одлуката за каматните стапки. Износот на овие кредити ќе се движи од 50.000 до 500.000 ЕУР. Крајни корисници н кредитите се трговски друштва со над 51% приватна сопственост, кои веќе користеле кредит од Стоковата кредитна линија на Италијанската влада. Корисници на овие кредити можат да бидат и нови трговски друштва.
4) Европска инвестициона банка (ЕИБ )
Кредитите се обезбедуваат од кредитната линија на ЕИБ, Луксмебург, во вкупен износ од 20 милиони ЕУР, и тие се наменети за набавка на материјални и нематеријални средства и обртни средства. Кредитите се одобруваат во девизи, рокот на отплата е до 12 години, вклучувајќи го и грејс периодот до 3 години. Распонот на износите за овие кредити е од 500.000 до 1.000.000 ЕУР, а каматната стапка се утврдува согласно условите на ЕИБ, маржа за НБРМ како агент (0,25%) и делот што и припаѓа на МБПР, согласно Одлуката за каматните стапки. Корисници на овие кредити се МСТД кои имаат нето основни средства помалку од 75 милиони ЕУР и вработени помалку од 500. Со кредитите не можат да се рефинансираат други кредити.
5) Проект за унапредување на микро, мали и средни претпријатија од KfW
Кредитите се обезбедуваат од проектот за унапредување на микро, мали и средни претпријатија од KfW, во вкупен износ од 6,5 милиони евра, и тие се наменети за набавка на основни средства и за финансирање на обртни средства. Кредитите се одобруваат во денари, рокот на отплата е до 2 години, вклучувајќи го и грејс периодот до 3 месеци. Максималниот износ на кредитите е 50.000 ЕУР, а каматната стапка се утврдува согласно условите на Проектот и делот што и припаѓа на МБПР, договорен меѓу KfW, Министерството за финансии и МБПР. Корисници на овие кредити се физичките лица и правни лица со 100% приватна сопственост. Со кредитите не можат да се рефинансираат други кредити.
6) Микроредитна линија за финансиска поддршка на МСТД од ЕАР
Кредитите се обезбедуваат од Микрокредитната линија на ЕАР (Европската агенција за реконструкција) за финансиска поддршка на МСТД, во вкупен износ од цца 460 милиони денари (состојба 31.03.2003), и тие се наменети за набавка на основни средства (80%) и за финансирање на обртни средства (20%). Кредитите се одобруваат во денари, рокот на отплата е до 5 години. Максимален износ на кредитите е 30.000 ЕУР, а каматната стапка се утврдува врз основа на есконтната стапка зголемена за 3% односно за 4% за кредити со рок на отплата од 3 односно 5 години респективно. Корисници на овие кредити се правни лица со над 51% приватна сопственост.
За МБПР провизијата за управување со средствата е фиксирана во финансискиот договор со ЕАР и таа изнесува 1,5% од вредноста на депозитот односно од средствата на ЕАР.
Карактеристично кај оваа кредитна линија е тоа што средствата од ЕАР се веќе дисперзирани по банките-учснички, на тие средства тие плаќаат камата на ЕАР (и провизија на МБПР), а кредитите на крајните корисници ги пласираат во сооднос 2/3:1/3 (две третини од средствата на ЕАР и една третина од банкарски средства). За одобрување на кредитите на крајните корисници не се бара согласност од МБПР, а за одлуката за вклучување на (нови) банки – учеснички во оваа шема потребна е согласност од ЕАР.
7) Кредити за поддршка на производството за извоз и извозот
Кредитите за поддршка на производството за извоз и извозот се посебно обработени во Политиката на МБПР за промоција на извозот.
8) Кредити за трајни обртни средства од сопствени извори
МБПР од сопствени средства, во вкупен износ од 2 милиони евра, ќе одобрува поединечни кредити од 30.000 до 300.000 евра, со намена за трајни обртни средства. Кредитите ќе се одобруваат во девизи или во денари со девизна клаузула, со рок на отплата до 3 години, сметано од денот на првото повлекување, со тримесечни отплати на главницата, и со камата согласно Одлуката за каматните стапки на МБПР. Како крајни корисници можат да се јават трговски друштва со над 51% сопственост.
ЦЕНА НА КРЕДИТНИТЕ ИНСТРУМЕНТИ  17. Цената на кредитите (камати и провизии) како дел од кредитната политика на МБПР е детерминирана од следните елементи:
- цената на чинење на средствата,
- маржата за НБРМ како агент,
- маржата за МБПР.
18. Кај странските извори на средства (странските кредитни линии) каматаните стапки се пропишуваат од страна на самите кредитори, во финансиските договори за односните кредитни линии.
Маржата за НБРМ, кај кредитната линија од ЕИБ, е детерминирана на 0,25% и таа како таква е составен дел на цената на чинењето на средствата.
Маржата за МБПР, исто така, по правило, е утврдена во договорите со странските кредитори и таа како таква е вградена во Одлуката за каматните стапки.
19. Кај сопствените извори на средства (од основната главнина на МБПР) каматната стапка се утврдува со Одлуката за каматните стапки и таа не ги содржи горенаведените елементи. Заради тоа, само кај каматните стапки по кредитите од сопствените средства постои можност за усогласување со годишната кредитно – монетарната политика во РМ и пазарните услови.
Пресметката на каматните стапки се врши по конфорна односно пропорционална метода, зависно од договорните услови.
20. Кај затезните каматни стапки, кај кредитите од сопствените средства, МБПР наплатува затезна камата во висина на законската стапка за казнена камата, а кај кредитите од странските кредитни линии, затезните каматни стапки се детерминирани во самите договори за кредитните линии, од страна на самите кредитори.
ИНСТРУМЕНТИ ЗА ОБЕЗБЕДУВАЊЕ
21. Инструментите за обезбедување на побарувањата по кредитите на МБПР треба да ги имаат следните карактеристики:
- нивната вредност лесно да се определува, а самото обезбедување да може лесно да се продава;
- нивната вредност да е умерено стабилна во текот на неколку (наредни) години и (мора) да обезбедува задоволителна резерва за потенцијална депрецијација;
- (мораат) да бидат преносливи, правно поставени така што сопственоста врз нив безбедно да може да премине на МБПР, без сомневања, без компликации, без непотребни проблеми и трошоци. Тие, исто така, треба да бидат без побарувања воспоставени од трети лица. Каде тоа е можно, обезбедувањата треба да бидат заштитени со осигурување.
1) Како инструменти погодни за обезбедување на побарувањата на МБПР од банките учеснички МБПР ќе ги смета:
мениците со приложена соодветна менична изјава;
залог на должнички хартии од вредност издадени од РМ или НБРМ со рочност најмалку еднаква на рочноста на одобрениот кредит, при што максималниот износ на кредитот е еднаков на одреден процент од тековната пазарна вредност на заложните хартии од вредност, што се определува за секој вид хартија од вредност посебно,
други инструменти кои можат да се оценат како прифатливи за МБПР.
Како определен вид на обезбедување можат да се сметаат и клаузулите што МБПР ги вградува во договорите со банките – учеснички за заложување на побарувањата и правата на банката – учесничка со кои таа се стекнала од крајниот корисник во полза на МБПР, во форма на регистриран залог без отстапување односно пренесување на побарувањата.
2) Како погодни инструменти за обезбедување на побарувањата на банките- учеснички од крајните корисници на кредитите по програмите на МБПР, банката учесничка ги бара вообичаените инструменти за обезбедување на кредитите (хипотека на недвижен имот, залог на подвижни предмети, меници, државни обврзници, трговски меници т.е. меници придружени со документ за сопственост на стоката, однсно коносмани, железнички консигнациони листови, товарни листови и сл., полиси за поморско осигурување или комерцијални хартии од вредност и сл. , државни обврзници, конфирмирани акредитиви, гаранции од домашни банки, лоро гаранции од странски банки, денарски или девизни депозити и други финансиски инструменти, на пр: чекови, барирани чекови, полиси за осигурување на извозот и сл.
22. Со кредитната политика на банката – учесничка поблиску се определуваат прифатливите инструменти за обезбедување на подкредитите и како такви тие се наведени во образецот на кредитното барање. Доколку МБПР оцени дека понудениот инструмент за обезбедување не е доволен, може да и сугерира на банката-учесничка да побара дополнителни или други инструменти за обезбедување.
КРЕДИТНИ ИНСТРУКЦИИ 
23. Кредитните односи (финансирањето), во основа, се базираат врз проценката на фактите кои ја определуваат можноста за остварување поволен ризик (минимизирање на ризикот) од потенцијалните позајмувачи.
За да се постави здрава кредитна политика на МБПР се развива сет на кредитни инструкции кои, кај сите видови финансирање (кредити, гаранции) одговорните службеници мораат да ги имаат предвид и мораат да ги испитаат основните компоненти, пред да дадат согласност за одобрување на кредитот и тоа за:
- Банката учесник,
- Корсникот на кредит,
- Намената на финансирањето,
- Можностите за отплата и
- Обезбедувањето на финансирањето.
Согласноста односно одобрувањето на кредитите се даваат по обработката на горните информации и направената проценка.
1) Банка – учесничка
Се оценува согласно методологијата спомената во точка 12 од Кредитнава политика.
2) Корисник на кредитот
а) Прашање од примарна важност е личноста на корисникот на кредитот (корисникот на кредитот, односно гаранцијата), особено неговиот интегритет, доследност и чесност. Корисниците на кредитите се оценуваат и според нивната подготвеност и добра волја да обезбедат точни информации.
б) Професионалното однесување на корисникот на кредитот се проценува врз основа на неговите успеси во споредба со неговите конкуренти. Уште поконкретно, се испитува дали неговите можности се соодветни на инвестицијата што ја презема.
в) Други важни информации се: текот и активностите на корисникот на кредитот, правната форма и староста на компанијата, староста на деловните луѓе (со информации за нивните, било какви, наследници), организацијата и историјата на корисникот на кредитот.
г) Основни финансиски критериуми за кредитирање на корисниците на кредити се показателите што ќе ги оствари очекуваната инвестиција:
Степенот на задолженост искажан како однос меѓу обврските и капиталот, кој не смее да биде поголем од 7:3, односно 2,334;
Степенот на сервисирање на долгот, односно показател за покритие на долгот, кој се утврдува како количник на збирот на нето добивката и амортизацијата и збирот на каматата и достасаната главница, кој не смее да биде помал од 1,0;
Интерната стапка на рентабилност, која треба да изнесува најмалку 15%;
Да има позитивен готовински тек во текот на целиот економски век на инвестицијата.
д) Во случаите кога со кредитните програми на МБПР се кредитира отпочнување со работа, што подразбира ново трговско друштво или отпочнување со нова дејност во постојно трговско друштво, инвеститорот или одговорното лице за реализација на проектот треба да има претходно искуство во дејноста односно да ги задоволува условите предвидени во самата кредитна линија.
ѓ) Освен претходно наведените критериуми, МБПР може да применува и други, во зависност од кредитниот инструмент. Другите критериуми се утврдуваат со оперативните упатства и процедури.
3) Намени на финансирањето
а) Финансирањето (кредитот или гаранцијата) се одобрува во согласност со кредитната политика и кредитните програми на МБПР. Тоа треба да настојува да ги покрие вистинските потреби на производниот процес (инвестиционата активност на фирмата што се финансира) или потребата од обртни средства. Неопходна е прецизна анализа на потребите од капитал со цел да се избегне губењето на кредитот за непосакувани намени и непродуктивни пречекорувања на трошоците.
б) Во случај да се инвестира во недвижнини, треба да се испита дали износот на кредитот одговара (кореспондира) на реалната цена на инвестицијата. Планот за сервисирање и условите на кредитот ќе бидат определени земајќи го предвид времето кога инвестицијата ќе почне да остварува приходи. Потребно е и елаборирање на суштествениот план на готовинските текови, најмалку за големите плаќања.
Во случај на набавка на опрема, условите од кредитот, секогаш, мораат да бидат покуси од животот на машината, а и технолошкиот напредок треба, исто така, да биде земен предвид.
Во секој случај, компанијата што ќе се финансира мора да вклучи и сопствен капитал, кој не смее да потекнува од банкарскиот систем и кој покрива најмалку 20% (кај кредитната линија од ДЕГ), 15% (кај програмата на ПИА и на KfW ), односно 10% од вкупната вредност на инвестицијата кај другите програми.
в) Вистинитоста и точноста на податоците обезбедени од страна на корисникот на кредитот секогаш се проверуваат од страна на МБПР.
4) Можност за отплата
а) Намерата и можноста на комитентот да одговори на обврските што произлегуваат од финансирањето, секогаш, се проверуваат. Се прави анализа на изворите од кои се очекува да се изврши отплатата на финансирањето а се испитува и дали постојат резервни фондови доволни да покријат било какво пореметување во односите по прашање на кредитот (гаранцијата).
Нивото на ризикот се оценува врз основа на севкупните оперативни услови на корисникот на кредитот и, особено, на коефициентот на отстапувањето (неплаќањето на долговите) и вкупното добиено финансирање.
Во оценката на кредитот, како профитабилен за МБПР, се земаат предвид и релациите меѓу ризикот од финансирањето и приходите од другите активности, поврзани со финансирањето, што се извршуваат за комитентот (камати, провизии, други приходи).
б) Основниот критериум за проценување на можноста на комитентот за отплата е виталноста и профитабилноста на неговиот бизнис, независно од покритието по финансирањето со материјални или лични обезбедувања.
За малите и средни претпријатија (МСТД), виталноста се испитува со анализа на бројките од нивните биланси во однос на бројките од претходната година и согласно со објавениот биланс, ако е применливо;
Финансиската контрола е поцелосна (поисцрпна) ако е направена од страна на овластени сметководители, чијшто извештај се поднесува на надлежните луѓе во МБПР.
Ако финансирањето е во странска валута или билансот вклучува обврски во странска валута, се испитува дали претпријатието има соодветни примања во странска валута како обезбедување во однос на курсниот ризик, освен ако тоа не е поинаку определено во кредитната линија.
в) Сезонските и еднократно отплатливите кредити се анализираат врз основа на временското и квантитативното зголемување на тековната актива во комбинација со износот и условите на финансирањето. Затоа, политиката на претпријатието за тековно управување со активата мора да се испита.
Финансирањето на тековната актива обично е краткорочно и несигурноста за отплата на кредитот е пониска отколку кај другите видови на финансирање, бидејќи краткорочните услови се полесни за анализирање. Понатаму, во случај претворањето на тековната актива во готовина да не е доволно како по време така и по квалитет, тековните готовински текови треба да обезбедуваат доволни извори за отплата.
г) Што се однесува на залихите (како обртни средства), се испитуваат: надворешниот изглед, технологијата применета во производот, структурата на суровините и полупроизводите, било каквите проблеми во контролата, резервите за сигурност и задоволувачкото осигурително покритие.
Особено се проверува дали залихите се пропорционални на потребите на трговското друштво или пак се практикува зголемено држење на залихи. Се испитува пописната метода, особено ако корисникот на кредит применувал различни пописни методи во претходните години, као и влијанието на овие промени врз профитот на компанијата и на сметката на загубата.
ѓ) Депрецијацијата ја зголемува солвентноста на трговското друштво, но трошоците за фиксната актива обично го надминуваат нивото на годишната депрецијација со стапката на инфлација, технолошкиот прогрес и текот на работите. Затоа, независно од анализата на идната рентабилност на комитентот за времетраењето на кредитот, неговата политика на дивиденди, антиципираното ниво на актива (главно примања и резерви) и дополнителната разлика меѓу депрецијацијата и нивото на фиксната актива, исто така, се испитуваат.
е) Производите или услугите треба да бидат конкурентни и во поглед на квалитетот и во поглед на цената и треба да обезбедуваат разумен профит за претпријатието. Се испитува дали побарувачката на производите, на пазарот, е константна или конјунктурна. Секторот на активностите на корисникот на кредит, а особено, неговиот степен на развој и можностите за натамошен пораст се од најголемо значење. Економската и политичката ситуација на земјата можат да имаат влијание врз развојот на секторот.
Оперативните резултати се суштината на виталноста на компанијата. Профитите треба да не зависат од еднократни приходи (донации, помош, профитот од учество во други компании и сл.), туку тие треба да се резултат на продуктивноста и профитабилноста на инвестицијата.
5) Обезбедување на финансирањето
а) Што се однесува до обезбедувањето на финансирањето, примарна улога во тоа има личноста на корисникот на кредит и историјата, виталноста и кредитниот рејтинг на компанијата. Кредитниот рејтинг зависи од големината на задолженоста, солвентноста и профитабилноста.
Секундарно, финансирањето може да биде обезбедено преку реално обезбедување (залог или хипотека) и лична гаранција на корисникот на кредитот или на трето лице.
б) Во поглед на обезбедувањето на МБПР тоа се дефинира на начин како е тоа опишано во точка 22. Под 1).
ПОЗНАВАЊЕ НА КАРАКТЕРОТ И ВРЕДНОСТА НА КОМИТЕНТОТ 
24. Принципот “познавај го својот (на банката – учесничка) комитент” се применува во секакви околности и низ целокупното деловно работење што го врши МБПР. МБПР нема да презема или одржува односи со комитентите кои не ги задоволуваат строгите кредитни и етички стандарди на банката – учесничка. МБПР нема да влегува во односи со субјекти кои не ги применуваат кредитните инструкции или чиј главен извор на приходи е од сомнителни извори, или имаат неизмирени плаќања по други долгови. Ако кредитниот службеник открие дека некој од комитентите е вклучен во сомнителни активности, оваа состојба треба веднаш да се истакне до службеникот од повисоко ниво.
Кредитниот службеник мора да одржува чести контакти со банките – учеснички со корисниците на кредити. Преписката со банките – уеснички и корисниците на кредити, дневните преписки и содржината од дискусиите се чуваат во кредитната документација за секој комитент и се дел од докуменатцијата за проверка што ја користат ревизорите.
ФИНАНСИСКИ ИЗВЕШТАИ
25. За претпазливо банкарско работење МБПР, од кредитобарателите, ќе бара да поднесат комплети на годишните пресметки (Биланс на состојбата, Биланс на успехот, Извештај за паричниот тек, Извештај за промена на капиталот и Белешки кон годишната пресметка). Од кредитобарателите кои работат во значителен обем треба да се бара и ревидиран биланс на состојбата и биланс на успехот, за секоја година од периодот на последните три години.
Финансиската анализа е срцето на процесот на кредитното истражување и никаква детална или комплетна обработка на кредитна апликација не може да се води без поднесување на ревидирани финансиски извештаи. Доколку, од било кои причини не се располага со последните ревидирани финансиски извештаи, можат да се користат привремени неревидирани финансиски извештаи, за прелиминарна обработка, но сепак, секогаш мора да биде јасно дека ревидираните финансиски извештаи треба, подоцна, да се достават.
Анализата на овие финансиски извештаи е важна карактеристика во процесот на кредитното проценување затоа што таа овозможува увид во финансиската состојба и способноста за отплата на потенцијалниот позајмувач. Финансиските извештаи што ги поднесуваат правните лица треба да бидат ревидирани од ревизори, прифатливи за МБПР.
ИНВЕСТИЦИОНА ПРОГРАМА
26. Инвестиционата програма е детална и системска анализа на сите фактори кои влијаат на можноста за успех на предложените деловни активности. Податоците и другите наоди презентирани во програмата, стануваат основа за одлучување дали проектот ќе биде подложен на натамошно разгледување, ќе се отфрли или ќе се ревидира. Инвестиционата програма е комбинација од посебни студии кои работат со пазарни, технички, финансиски, економски и управни аспекти на проектот.
Инвестициона програма се бара за преглед и анализа на кредитните апликации за финансирање на постојни или нови проекти. Овие видови кредитни апликации, во нормални околности, бараат финансирање преку долгорочни кредити. Затоа, општо правило е: за сите апликации за долгорочен кредит да се бара поднесување на инвестициона програма.
Инвестиционата програма треба да го вкучува најмалку следното:
- главните претпоставки според кои се направени проекциите;
- билансот на успехот, билансот на состојбата и извештајот за готовинскиот тек за периодот за кој се бара кредитот;
- оправданоста за барање на грејс период;
- маркетинг анализа која покажува како и каде производот или услугата ќе бидат продавани (како и од каде ќе се врши набавката на суровината);
- индикации за тоа како кредитобарачот ќе може или како планира да ги надминува негативностите за да ја постигне целта,
- податоци за корисникот на кредитот (правен статус, матичен број, ЕДБ и сл.);
- податоци за местото од каде ќе се набави опремата; и
- податоци за менаџментот.
ГРЕЈС ПЕРИОДИ 
27. Постојат валидни основи за давање грејс периоди. За проекти кои имаат долг период на заживување и не генерираат готовински приливи во почетните години, треба да се овозможат такви погодности. При оценување на кредитното барање, кредитниот службеник на МБПР треба, за одобрување на грејс период, внимателно да ја оцени валидноста на барањето. Конечно, искуството треба да определи на кои проекти им е потребно одложување на отплатата на главницата, но само врз основа на внимателна анализа на готовинскиот тек и на оценка на можностите на корисникот на кредит за остварување на прилив на готовина. Во спротивно, давањето на грејс период може да биде и предмет на злоупотреба.
Грејс периодите во кредитните програми на МБПР се детерминирани во условите на кредитните извори (т.е. странските кредитни линии), но за нивната должина се применуваат горните критериуми.
НЕСАКАНИ ДЕЛОВНИ АКТИВНОСТИ И КРЕДИТИ
28. Постојат определени деловни активности и кредитни ситуации кои, од гледна точка на МБПР и на странските кредитори , се непожелни и тоа:
- Шпекулативни кредити, какви што се кредитите за купување на трговска стока со намера истата да се препродаде во иднина по идна “шпекулативна “ цена;
- Кредити каде што МБПР може да се најде во инфериорна позиција наспроти кредиторите кои издаваат слични кредити;
- Кредити за хазардни претпријатија или работа со сомнително потекло;
- Кредити кои ги заменуваат кредитите на другите кредитори кои сакаат да се повлечат;
- Проекти кои не ги задоволуваат прописите за зачувување на човековата околина
- Тргување со диви животни и производи од диви животни согласно CITES конвенцијата;
- Пуштање на генетски изменети организми во природна средина;
- Производство, складирање или обработка на радиоактивни производи, вклучувајќи и радиоактивен отпад;
- Производство, дистрибуција и продажба на меѓународно забранети пестициди (како што се органохлорни и други постојани материи) и хербициди;
- Складирање на штетен отпад, негова обработка и фрлање;
- Производство на елекетрична опрема и апарати кои содржат хлорофлуорокарбони ( CFC ), халони и други супстанци регулирани со Монтреалскиот протокол;
- Производство на електрична опрема која содржи полихлорирани бифенили ( PCB );
- Производство и трговија на воени производи;
- Купување на хартии од вредност или други финансиски инструменти.
КЛАСИФИКАЦИЈА НА КРЕДИТИТЕ
29. Сите кредити и гаранции, како билансни и вонбилансани позиции, ќе се класифицираат според методологијата што ја пропишува НБРМ.
Во МБПР, кредитите ќе се класифицираат како:
Одобрени кредити
Кредити во користење
Достасани а наплатени кредити
Достасани а ненаплатени кредити
Нефункционални кредити.
НАПЛАТА НА КРЕДИТИТЕ  30. Кредитната програма на МБПР мора да обезбеди наплата на кредитите што таа, односно банката – учесничка ги одобрува и тоа е континуиран процес. Кредитниот службеник, кој го обработува кредитното барање и дава препорака, како и овластените органи за одобрување на кредити (на банките – учеснички односно на крајниот корисник), имаат одговорност да обезбедат наплата на истиот, а ако ова не се исполни, да ги преземат сите расположливи мерки и да ги направат сите напори за наплата на кредитот.
Процесот на одобрување/давање на кредит и осигурувањето на неговата наплата се две страни на една иста активност.
Извршената отплата од страна на корисниците на кредити, банките учеснички ги дозначуваат на сметките на МБПР без одложување. За секое задоцнување на отплатата во однос на договорените термини, банката – учесничка врши плаќање во полза на МБПР .
Главната одговорност за следењето на кредитите и за осигурување на отплатата на истиот од страна на банката – учесничка лежи врз службениците кои го обработиле кредитното барање и дале препораки за одобрување на кредитот заедно со нивните надлежни раководители, како и на Одборот за раководење со ризикот и на Кредитниот одбор.
ДОСТАСАНИ А НЕНАПЛАТЕНИ КРЕДИТИ
31. Достасани, а ненаплатени кредити се кредити по кои ратата (ануитетот или целиот кредит, доколку е договорена еднократна наплата на кредитот) не е платена на денот (датумот) на достасувањето.
Достасаните а ненаплатени кредити претставуваат товар за кредитното портфолио на МБПР. Супервизорските правила, достасаните односно ненаплатените кредити, генерално, ги класифицираат како нефункционални кредити што значи дека тие не генерираат приход за МБПР. Имено, ситуација на достасани ненаплатени кредити, односно нефункционални кредити, при наплата преку банките –учеснички, за МБПР може да се јави само во случај на влошување на состојбите на конкретна банка – учесничка. Затоа, примарна грижа на МБПР ќе биде да ја следи и благовремено да реагира на задоцнувањата на банките – учеснички во отплатата на кредитите, односно да ја следи и анализира финансиската состојба на банките – учеснички, за, со навремена реакција, проблематичните кредити да ги одржува на најниско можно ниво.
ОТПИШУВАЊА НА КРЕДИТИ
32. Кога банките – учеснички ќе западнат во лоша ликвидносна односно финансиска ситуација, во мера што ја загрозува наплатата на кредитите на МБПР, ќе настане ситуација определени кредити да добијат третман на лоши (нефункционални) кредити.
Во таков случај МБПР ќе го активира обезбедувањето (од точка 22 од Кредитнава политика) за да обезбеди наплата на своите побарувања. Доколку настане ситуација на неможност за наплата на определен кредит, кога сите мерки се преземени и истите не вродат со резултат, МБПР ќе мора таквите кредити да ги отпише.
Отпишувањето значи дека кредитот ќе добие третман на загуба, МБПР ја покажува таа загуба и ја покрива од (односно книжи на товар на) потенцијалните резерви по кредитните пласмани.
33. Отпишување на кредит ќе настане кога:
1) Правната постапка за наплата на кредитот е отпочната, освен ако обезбедувањето е со вредност што ја надминува вредноста на долгот;
2) Кредитот се смета за ненаплатлив од било која причина, без оглед на отпочнатата правна постапка.
Отпишувањата (делумни или целосни) ги одобрува Управниот одбор. Одлуката за отпис Управниот одбор ја носи врз основа на елаборат кој ги содржи следните елементи:
- наведување дали банката – учесничка спрема која побарувањето е отпишано,
- лицата кои учествувале во одобрувањето на кредитот,
- причината за непостоење или неадекватност на обезбедувањето на побарувањето,
- преземените мерки за наплата на побарувањето и нивниот резултат,
- причината за предлогот да се изврши отпис на побарувањето,
- проценката дали при одобрувањето, следењето, наплатата и отписот на побарувањето се почитувани актите на кредитната политика и цитирање на одредбите од тие акти кои овозможиле одобрување на кредити со обезбедување од така слаб квалитет.
34. Отпишувањето на кредитот од билансот на МБПР, не значи дека таа го загубила интересот за негова наплата. Сите напори за да се наплати кредитот ќе продолжат, и секој евентуално наплатен износ на кредитот ќе биде прифатен во МБПР како приход во годината на наплатата.
КАПИТАЛИЗИРАЊЕ НА КАМАТАТА 
35. Капитализација на каматата претставува вклучување на каматата во главницата на кредитот.
МБПР нема да врши капитализирање на каматата.
РЕЗЕРВИРАЊА ЗА ПОТЕНЦИЈАЛНИ ЗАГУБИ
36. МБПР, како кредитодавач мора да биде подготвена за можност од загуба по основа на кредитните пласмани. Една од таквите мерки за подготвеност за загуба претставуваат резервациите (посебната резерва) по основа на кредитни пласмани. Висината (процентот) на резервациите по кредитните пласмани ги пропишува Народната банка.
Посебната резерва се формира во висина на утврдените потенцијални загуби што произлегуваат од кредитниот ризик, односно класификацијата во различните категории (А, Б, В, Г и Д), како и пресметаните камати на кредитите кои добиле статус на нефункционални камати. Посебната резрва претставува расход за МБПР.
ВНАТРЕШНА РЕВИЗИЈА
37. Преиспитувањето на кредитните трансакции преку прегледување на кредитната евиденција, за да се дефинира усогласеноста со поставената кредитна политика и процедури, претставува редовна функција на службата за внатрешна ревизија. Документите се проверуваат за да се утврди нивната соодветност, валидност и сигурност. Извештаите кои содржат неправилности се поднесуваат до соодветните овластени лица.
Функцијата на внатрешната ревизија не се ограничува само на прегледот на документацијата и известувањето за неправилностите. Внатрешната ревизија потврдува и дали резервациите за потенцијални загуби се точно направени.
КРЕДИТНА ДОКУМЕНТАЦИЈА И ЕВИДЕНЦИЈА
38. Кредитната документација и евиденцијата обезбедуваат информации за статусот на банките учеснички и комитентите.
Досиејата за банките – учеснички се општи, за потребите од кредитирање од сите кредитни програми на МБПР, а досиејата за корисниците на кредити се посебни, за секој корисник на кредит поодделно.
Кредитната документација и евиденција се уредува согласно Упатството на НБРМ за кредитните досиеја.
Покрај кредитните досиеја во МБПР, банките-учеснички водат кредитни досиеја за секој корисник на кредит, вклучувајќи евиденција за сите трансакции за времетраењето на кредитот. Банките-учеснички редовно ја известуваат МБПР за текот на реализацијата на кредитите на корисниците на кредити, како и за причините за секое отстапување од условите на кредитот на корисникот на кредитот и за сите настани поврзани со корисниците на кредити што можат да се оценат како значајни за користењето и/или отплатата на одобрените кредити.
МБПР го задржува правото, во секое време, да ја прегледува кредитната документација кај банките-учеснички.
39. Докуменацијата, генерално, се чува во кредитни регистратори кои се сместени во секторот за кредитирање.
40. Евиденциите се предмет на редовен преглед од страна на службата за внатрешна ревизија, која, меѓу другото, треба да каже дали документацијата и евиденцијата се исправно водени и адекватно чувани и обезбедени.
ОРГАНИ ЗА ДОНЕСУВАЊЕ НА КРЕДИТНИ ОДЛУКИ
41. Органите за донесување на кредитни одлуки, согласно Статутот на МБПР, се Кредитниот одбор и Одборот за раководење со ризикот.
Кредитниот одбор одлучува за пласманите на банките – учеснички, односно на корисниците на кредитите во висина до 10% од гарантниот капитал на МБПР, а Одборот за раководење со ризикот за кредитните пласмани во висина над 10% од гарантниот капитал на МБПР.
ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ 
42. Кредитната политика е документ кој има своевидна динамика. Таа ги рефлектира кредитните политики на МБПР, кои соодветствуваат со законските прописи и кои се применливи на начин кој одговара на економската средина во која МБПР дејствува.
43. Кредитната политика е подложна на разгледување и преиспитување, во секое време и на сите нивоа на раководење. Кредитниот одбор односно Одборот за управување со ризикот се одговорни за консолидација на сите предложени, нови политики, амандмани или поништување, во конечната препорака упатена за одобрување до Управниот одбор на Банката.
44. Секторот за кредитирање е одговорен за подготвување на студии и документи, потребни на Кредитниот одбор односно Одборот за раководење со ризикот при примената и дополнувањето на Кредитната политика. Секторот за кредитирање, исто така, е главна организациона единица за прибирање на предложените, нови политики или амандмани на постоечките, иницирани од страна на вработените во МБПР.
45. Измените и дополнувањата на Кредитната политика на МБПР ќе се вршат на ист начин и по иста постапка како и при нејзиното донесување.
46. Со Кредитната политика на МБПР, на соодветен начин ќе бидат запознаени сите кредитни референти и други лица во МБПР кои, за извршување на своите задачи треба да бидат запознаени со неа.
47. Кредитната политика на МБПР стапува во сила на денот на нејзиното донесување од страна на Управниот одбор на МБПР. Со нејзиното стапување во сила престанува да важи Кредитната политика од 11.11.1998 година
Претседател на У .О.
Владимир Симеонов, с.р.
|