|
1. Вовед
Македонската банка за поддршка на развојот (МБПР) е основана во 1998 година, согласно законот за основање на Македонска банка за поддршка на развојот (Сл.весник на РМ, бр.24/98 и 6/2000). Една од целите на основањето на МБПР е поддржување на развојот преку сеопфатна поддршка на малите и средните претпријатија како интегрален дел на стопанството и клучен елемент во процесот на неговото преструктуирање. Исто така многу важна, а можеби во овој момент и поважна цел на МБПР е промоција и поддршка на извозот.
Во реализацијата на политиката на промоција на извозот МБПР ќе се раководи од Макроекономската политика на Република Македонија, во која како приоритетни секторски гранки се назначени:
- Индустријата;
- Земјоделството;
- Градежнишвото;
- Транспортот и комуникациите:
- Туризмот и
- Надворешно трговскиот сектор.
Во изминатиот период трговскиот биланс на Република Македонија има тенденција на постојано намалување. Увозот е во постојан пораст, а извозот или стагнира или благо опаѓа. Дефицитот на тековната сметка во најголем дел се финансира со кредитно задолжување, што воопшто не влијае позитивно на макроекономската стабилност. Поради тоа создавањето на услови за динамизирање на извозот, како и финансиски продукти за истата намена е основна приоритетна задача на МБПР.
МБПР ќе ги продолжи сегашните продукти за поддршка на извозот, а истовремено ќе работи и на креирање и примена на нови продукти за промоција и поддршка на извозот.
Своите финансиски продукти МБПР ќе ги пласира дел директно до крајните корисници, а дел преку деловните банки во Република Македонија (банки-учеснички), согласно Законот за основање на МБПР.
Изборот на Банките учеснички и соработката со нив е во рамките на кредитната политика на МБПР.
Осигурувањето и реосигурувањето на идентификувани приливи од извоз од комерцијални ризици и некомерцијални ризици е предмет на работење на Банката согласно со член 7, став 1 алинеа 4.
Политиката на Македонска банка за поддршка на развојот за осигурување на извозот од комерцијални ризици е концепирана врз основа на:
Превземање активности со цел придонес кон реализација на основните цели на економската политика на Република Македонија на планот на извозот
Самостојно работење со почитување на принципите на банкарското работење со цел да се обезбедат финансиски податоци и позитивни резултати за Банката, како и придонес во процесот на креирање на поволно окружување на македонските стопански субјекти
Квалитативна промена на стандардните услуги во полето на осигурувањето на извозот, а во исто време и воведување нови производи на пазарот во областа на осигурувањето.
Опсегот и динамиката на активностите на МБПР ќе бидат во согласност со можностите особено со степенот на ликвидност на Банката.
Планирањето, мониторингот и развојот на активностите на МБПР во областа на осигурувањето ќе ги врши посебен организационен дел во Банката.
Банката ќе организира презентации и семинари заради ефикасно претставување на целите и задачите пред македонските извозници и финансиските институции со цел запознавање со условите што треба да ги исполнуваат потенцијалните корисници на производите и услугите на Македонска банка за поддршка на развојот.
2.Финансирање 
А) Кредити за финансирање за извоз
Средствата за овие кредити ќе се обезбедат од сопствените извори на МБПР. Кредитите ќе се одобруваат за финансирање на извоз. Врз основа на изготвена анализа на стручните служби на МБПР, а по претходно барање од Банката учесниик, МБПР за нето извозникот ќе одобри рамковен кредит во висина од 30.000 до 2.000.000 Евра, со следните рокови;
Рокови |
Каматна стапка |
До 60 дена или 2 месеци |
Основна – 0,5% |
До 120 дена или 4 месеци |
Основна |
До 180 дена или 6 месеци |
Основна + 0.5% |
До 360 дена или 12 месеци |
Основна + 1,0% |
При одобрување на кредити за подготовка на извоз и за извоз, основната стапка на МБПР може да се намлаи за 0,5% доколку кредитобарателот, односно крајниот корисник има осигурен извоз преку МБПР.
Роковите на користење ќе се одредуваат согласно времето потребно за производство односно рокот договорен за плаќање со странскиот купувач. Доколку претпријатието користи кредит со рокови до и над 180 дена, МБПР посебно ќе води грижа за обезбеденоста на кредитот и затоа ќе им предлага осигурување на целото портфолио на извозниците. Крајни корисници на овие кредити се трговски друшва регистрирани за надворешно трговско работење. Овие кредити можат да се употребат за рефинансирање на други кредити земени за истата намена, доколку не е извршена наплата по основ на извршениот извоз, односно припременото производство не е извезено.
МБПР, по исклучок, на конзорциум на претпријатија може да одобри кредит во износ од 2.000.000 евра до 360 дена за набавка на суровина неопходна за производство наменето за извоз, по основната каматна стапка, со посебна одлука на Управниот Одбор.
Б) Кредити за продажба на опрема и инвестициони работи
Средствата за овие кредити ќе се обезбедат од сопствените извори на МБПР. Кредитите ќе се одобруваат за продажба на домашна опрема, суровини и изведба на инвестициони работи во странство. Рокот, износот и каматните стапки ќе бидат утврдени со посебна Одлука на Управниот Одбор, а во согласност со правилата на Бернската Унија.
В) Кредити за обртни средства
Средствата за овие кредити ќе се одобруваат од наплатените средства на кредитните линии, а во согласност со договорите за слободен репласман. Кредитите ќе се одобруваат со цел зајакнување на конкурентската позиција на извозниците особено за нето извозниците. Кредитите ќе се одобруваат врз основа на посебно изготвена анализа на стручните служби на МБПР. Кредитите ќе бидат во висина 30.000 до 1.000.000 Евра, со следните рокови;
Рокови |
Износи во евра |
Каматна стапка |
До 180 дена (6 месеци) |
До 1.000.000 |
Основна + 2,5% |
До 360 дена (12 месеци) |
До 800.000 |
Основна + 3,0% |
До 540 дена (18 месеци) |
До 500.000 |
Основна + 3.5% |
До 720 дена (24 месеци) |
До 300.000 |
Основна + 4,0% |
Г) Гаранции
За поттикнување и активно учество на големите акционерски друштва од Република Македонија на светскиот пазар, МБПР ќе издава гаранции. Гаранциите МБПР ќе ги издава во соработка и за комерцијалните банки од Република Македонија. Средствата за оваа намена МБПР ќе ги добие од Владата како посебен проект. Провизијата за издавање на гаранциите (провизијата) се утврдува врз основа на пресметките на фактичките трошоци, односно како надоместок за услугите.
Д) Факторинг
Еден од новите финансиските инструменти кои во најскоро време МБПР планира да ги имплементира е факторингот. Факторингот е финансиска трансакција во која извозните претпријатија ќе го продаваат своето кредитно портфолио (сите извозни побарувања) на посебна финансиска институција, наречена фактор, во овој случај МБПР. Кај овие трансакции претпријатието веднаш ги добива средствата со одреден дисконт. Трошоците на факторингот, составени од камата-дисконтот за предвремена наплата на побарувањата и факторинг провизијата, ќе се утврдат пред воведувањето на овој финансиски продукт.
3. Обезбедувања на финансиските продукти 
За обезбедување на наведените финансиски продукти МБПР ќе ги прифаќа сите законски инструменти за обезбедување, а посебно ќе ја промовира полисата за осигурување како квалитетен инструмент за обезбедување.
4. Корисници на услугите
Корисници на услугите се комерцијалните банки во Република Македонија, за крајните корисници-извозниците. Секој извозник кој остварува нето девизен ефект е потенцијален корисник на средства од фондовите на МБПР. Приоритет на користење на овие средства имаат извозници кои имаат поголем нето девизен ефект и производ во кој е содржана повисока технологија и висок степен на искористеност на домашните ресурси.
5.Осигурување
Според концепциите на макроекономската политика приоритет се дава на производството, кое е извозно ориентирано и во поголема мера се потпира на достигнувањата на науката и на техничко технолошкиот прогрес. Во ова насока е и воведувањето нови производи на финансискиот пазар, односно на пазарот на осигурување во Република Македонија. Осигурувањето на домашните стопански субјекти од комерцијални и некомерцијални ризици ќе им помогне полесно да влезат на нови пазари и опстојување на постојните пазари. Со имплементација на производ на пазарот, стопанските субјекти добиваат можност за прифаќање на деловни потфати со поголем ризик поради тоа што тој ризик можат да го намалат и поделат со осигурителните агенции. На овој начин ќе се овозможи да се зголемат продажбите, што повлекува зголемување на обемот на производството, воведување нови производствени линии, нови работни места итн. Имено, неплаќањето од страна на странските купувачи не е ризик само во надворешно трговското работење со земјите во развој и неразвиените земји, туку и проблем со кој стопанските субјекти се соочуваат секојдневно при извршување на трговските активности и со деловните партнери од развиените земји.
Предвидувањата покажуваат дека во наредниот период, кога во развиениот свет се очекува рецесија, пораст на несолвентноста кај стопанските субјекти е неминовност. Тоа би значело дека ризикот на неплаќање и стечај кај стопанските субјекти во развиениот свет е зголемен а со тоа и потребата за заштита од тој ризик е се понеопходна.
Осигурувањето од комерцијални и некомерцијални ризици во банкарското работење има витална улога и значење при финансирањето, односно кредитирањето во економиите во транзиција.
Политиката за осигурување од комерцијални и некомерцијални ризици на Македонска банка за поддршка на развојот е базирана на:
Основниот концепт на макроекономската политика и интересите на македонските извозници за присуство на постојните пазари и освојување на нови пазари.
Осигурување на долгорочните вложувања и инвестиционите активности на македонските стопанственици
Осигурување на инвестициите и директните странски вложувања во Република Македонија во соработка со Светска Банка и МИГА.
Соработка со ресорни министерства, дипломатски претставништва на Република Македонија со други земји, соработка со Народна банка на Република Македонија и -Стопанската Комора на Република Македонија пред се за осознавање и мониторинг на постојните пазари и постепено воведување на нови пазари што се од интерес на македонските извозници.
Македонска банка за поддршка на развојот при донесување одлука за издавање полиса нема да ја има во предвид само финасиската состојба на должникот, туку и степенот на ризичност на странските пазари и земји.
При извршувањето на активностите во областа на осигурувањето, МБПР ќе го следи трендот на светската економија и при работењето ќе ги применува правилата и спогодбите на Меѓународната унија на кредитни и инвестициони осигурувачи - Бернска унија (на пример, дефиниција на извозни добра и услуги, почеток на осигурувањето, период на осигурувањето итн), како и на правилата на ОЕЦД (рочност на кредитите, минимални премии, рокови за осигурување итн), на Европската Унија и МИГА.
6. Реосигурување 
Македонска банка за поддршка на развојот ќе склучува договори за реосигурување, со цел да обезбеди ефикасно осигурување на извозот од комерцијални и некомерцијални ризици. Со реосигурувањето на дел од обврската на осигурувачот, меѓусебните обврски и односи меѓу осигурувачот и осигуреникот остануваат непроменети. Осигурувачот, кој со реосигурител склучил договор за реосигурување, заштитува дел од своите обврски. Реосигурителот има обврска спрема осигурувачот врз основа на договорот за реосигурување. Обврската на реосигурителот се јавува со настанување на обврската на осигурувачот поради остварување на осигурениот случај.
Реосигурителот не е директно обврзан на осигуреникот, а осигуреникот не знае за реосигурувањето, ниту мора тоа да го знае бидејќи тој своите права ги остварува директно и исклучиво од осигурувачот врз основа на склучениот договор за осигурување.
Во функција на намалување на ризикот, Македонска банка за поддршка на развојот, сегашните активности на комерцијално осигурување ги врши врз основа на склучен договор за реосигурување со одредена агенција за извозно осигурување - членка на Бернска Унија пред да започне да склучува договори за осигурување со потенцијалните осигуреници, а во интерес на солвентноста на Банката и во интерес на своите идни осигуреници.
Со цел да се зголеми обемот на осигурување, особено во делот на некомерцијалниот ризик МБПР ќе склучува договори за факултативно осигурување и реосигурување со институции кои имаат висок бонитет и препознатлив имиџ.
7. Критериуми за квалификација на домашните стопански субјекти – погодни за осигурување
Квалификацијата на еден домашен стопански субјект како осигуреник, МБПР ја врши во зависност од следните критериуми:
стопански субјекти регистрирани во трговскиот регистар на Република Македонија;
стоките што се предмет на извоз да бидат од домашно потекло, според преовладувачките критериуми за дефинирање на потеклото, или прифатени од реосигурителот:
субјектот да не се занимава со дејности што МБПР ги исклучува според кредитната политика
субјектот да има склучен договор за купупродажба на стоки и/или услуги на странски пазари.
МБПР со секој класифициран домашен субјект ќе потпише договор за осигурување.
8. Комерцијални ризици 
Стечај – посебен вид извршна постапка според која од имотот на претпријатието (странскиот купувач) се намируваат сите доверители односно обврските што ги има должникот (странскиот купувач) во пропорционален износ.
Продолжено неисполнување на обврските – кога должникот (странскиот купувач) во подолг временски период континуирано не ги исполнува обврските односно не го подмирува долгот (побарувањата) ниту во продолжениот рок од денот на достасување на побарувањето.
9. Некомерцијални ризици
Дефинирани во договорите за факултативно осигурување и реосигурување
10. Постапка на осигурување на извоз од комерцијални и некомерцијални ризици
- Извозникот и странскиот купувач имаат склучено комерцијален договор според кој македонскиот извозник е обврзан да испорача определено количество на стоки или услуги, со определен квалитет по определена цена. Додека, пак странскиот купувач е обврзан да го плати доставеното количество на стоки или услуги со определен квалитет по определена цена на определен датум – датум на достасување на обврската.
- Потенцијалниот осигуреник го доставува образецот Прашалник – Понуда за осигурување до одделението за осигурување во Македонска банка за поддршка на развојот.
Постапка за утврдување на премиска стапка.
Процедурата за осигурување на извозот од комерцијални и некомерцијални ризици започнува со доставување на образецот Прашалник – понуда за осигурување на извозот од страна на потенцијалниот осигуреник до МБПР.
Аналогно на податоците во овој образец, одделението за осигурување изготвува необврзувачка нацрт-понуда со која го информира потенцијалниот осигуреник за земјите на извоз – расположиви за осигурување, прелиминарната премиска стапка и трошоците за утврдување на бонитетот на странските купувачи.
Прелиминарната премиска стапка се пресметува врз основа на однапред дефинирана методологија при што како фактори што ја детерминираат се:
планираниот износ на извоз – расположив за осигурување,
пондерираниот рок на плаќање за сите трансакции што ги исполнуваат условите за осигурување и
показателот за загуби утврден врз основа на искуството со одделни купувачи.
Доколку, потенцијалниот осигуреник се согласи со условите и цената на осигурувањето, пополнува образец ,,Понуда за одобрување/зголемување на лимит на осигурување” за секој одделен странски купувач и го доставува до Банката.
4. Прибирање и обработка на потребните информации, утврдување и мониторинг на лимитите 
По доставување на образецот ,,Понуда за одобрување/зголемување на лимит на осигурување” од страна на потенцијалниот осигуреник, МБПР ја започнува фазата на прибирање и обработка на неопходните податоци согласно со политиката за осигурување на извозот од комерцијални и некомерцијални ризици.
Потребните информации за странските купувачи ги обезбедува реосигурителот од договорените агенции за оценка на бонитетот или од сопствени извори. Во согласност со договорите за реосигурување, покрај наведните агенции за добивање бонитет за странски купувачи: Dun & Bradstreet, Intercredit и Creditreform, може да се вклучат и други агенции по претходна обострана согласност. Обезбедените информации понатаму се доставуваат до МБПР. Анализа врз основа на добиените информации од соодветните агенции се изготвува и кај реосигурителот и кај реосигуреникот.
Во новите договори за факултативно осигурување и реосигурување, ќе се предвиди кој извор на информација за бонитетот на странските купувачи ќе се прифати.
Предмет на анализа се и одредени надворешни информации како што се:
- Карактеристики на земјата на извоз (економско-политички настани, позиција на Владата, зависнот од увоз, итн)
- Карактеристики на индустрискиот сектор на кој припаѓа странскиот купувач (тренд на опаѓање, раст, перспективи за пораст, профитабилност на секторот, тренд на стечај, циклус во кој се наоѓа секторот, промени во финансискиот систем, пазарна конкуренција итн).
Со анализа на прибраните информации за странскиот купувач се формира досие во кое се дефинирани следните елементи:
а) дејност на странскиот купувач
б) законски статус на компанијата
в) големина на компанијата
г) години на постоење на компанијата
д) односи помеѓу сопствениците и менаџерскиот кадар
ѓ) начин на финансирање на редовното работење
е) етика на плаќање
ж) финансиска анализа
з) начин на плаќање
ѕ) позиција на пазарот
Влијание врз одлуката за висината на лимитот за осигурување има и соработката помеѓу потенцијалниот осигуреник и купувачот (должникот).
Лимит за осигурување е сумата до која е осигуран извозот без да биде обврзан извозникот да доставува до банката Понуда за обрување / зголемување на лимит на осигурување и податоци за должникот. Станува збор за револвинг систем поради што се нарекува автоматски (дискреционен) лимит за осигурување.
Одлуката за износот на лимитот за осигурување може да биде еднаква или помала од износот на лимит за осигурување што ќе се одобри за купувачот. Имено, постојат три вида лимити за осигурување;
Поединечен лимит за осигурување- износот на лимит што ќе го одобри МБПР
Кредитен лимит за осигурување - максималниот лимит што може да биде одобрен за странскиот купувач доколку е повисок од одобрениот. Се применува во случај кога анализите изготвени од одделението за осигурување покажуваат дека одреден странски купувач има ,,добар ризик” кој дозволува одобрување на повисок лимит побаран од извозникот.
Агрегатен лимит за осигурување - пресметан лимит за еден странски купувач, што претставува вкупен износ на лимит за еден купувач, распределен на повеќе извозници.
Имајќи ги предвид горенаведените видови на лимити за осигурување согласно со политиката за осигурување на извозот од комерцијални ризици, Одборот за осигурување изготвува предлог на лимити за осигурување по поединечни странски купувачи на осигуреникот и го доставува до реосигурителот. Конечната листа на одобрени лимити за осигурување се доставува до потенцијалниот осигуреник само по претходно потврдување од страна на реосигурителот.
Еднаш одобрените лимити за осигурување се предмет на проверка еднаш на две години или еднаш годишно во зависност од висината на лимитот. Во оваа насока, одделението за осигурување континуирано го следи бонитетот на странскиот купувач. Аналогно на настаните се донесуваат и измени во однос на првата одлука за висината на лимитот за осигурување за одреден купувач.
Период на осигурување
Периодот на осигурување е од 180 до 360 дена, согласно потпишаните договори за реосигурување.
Услови
Македонска банка за поддршка на развојот при извршување на активности во областа на осигурувањето од краткорочни комерцијални и некомерцијални ризици ќе ги применува и следи Опшите услови за осигурување во согласнот со договорите за реосигурување.
Условите кореспондираат и се усогласени со основните меѓународни стандарди во оваа област и со општите услови што ги применуваат агенциите за извозно осигурување членки на Бернската Унија.
Премии и други трошоци
Премиите се дефинирани според тарифата што се применува за осигурување од комерцијални и некомерцијални ризици, утврдена и прифатена од реосигурителите.
Ако обработката на индивидуалните барања бара дополнителни активности како на пример, оценка на експерт, анализи и податоци од посебни финансиски институции провизијата ќе се зголеми пропорционално со зголемување на трошоците за обработка.
Методологијата за утврдување на премиските стапки е соодветна со методологиите што ги утврдуваат агенциите за извозно осигурување членки на Бернска Унија.
11. Информации за кредитна способност на претпријатијата 
МБПР за потребите на странските извозни осигурителни куќи ќе изготвува бонитети за македонските увозници. Трошоците за надоместок на оваа активност ќе ја надоместуваат барателите според тарифата на МБПР.
12. Исплата на штети
Македонска банка за поддршка на развојот ќе покрива односно ќе врши надомест од 85% до 100% од настанатата штета како резултат на комерцијални и некомерцијални ризици. Износот на висината на штетата ќе зависи од договрите за реосигурување. Исплатата на штетата ќе се врши според утврдената процедура со реосигурителот.
13. Висина на осигурување
Македонска банка за поддршка на развојот нема да издава полиси за осигурување за извозни трансакции чија вредност е помала од 5.000 евра. Одредувањето на минималната и максималната сума на осигурување е во насока на правилна алокација на поддршката на извозот. Највисоката полиса по поединечен странски купувач нема да изнесува повеќе од 3.000.000 евра.
МБПР може да врши отстапување во одредени индивидуални случаи, односно кога извозот на одредени производи има стратегиско значење за земјата, Банката може да склучи договор за осигурување на износ помал од пропишниот минимален или на повисок износ од утврдениот максимум.
14. Други активности
Во иднина МБПР преку реализирање на своите активности се повеќе ќе дава придонес за поддршка на македонското производство наменeто за извоз. Имено, освен соработката со соодветните институции во земјава, МБПР ќе ја продолжи и соработката со другите институции за извозно осигурување во рамките на Бернска Унија, како и со склучување на нови спогодби за соработка со нејзините членки. Во меѓународното финансиско окружување МБПР ќе ја продолжи и ќе ја интензивира соработката со реосигурителните компании и комерцијалните банки, како и со Светска банка и МИГА. 15. Завршни одредби
За сите одредби што не се дефинирани во овој документ важат одредбите дефинирани во Кредитната политика на МБПР и Одлуката за каматните стапки на МБПР АД Скопје.
За општите одредби што се нудат во рамките на оваа Политика (гaранции, факторинг и др.) Управниот одбор ќе донесе конкретни поединечни одлуки.
Политиката за промоција на извозот се применува со денот на нејзиното донесување од страна на Управниот одбор на МБПР.
Со денот на донесувањето на оваа Политика се става вон сила Политиката за осигурување од комерцијални ризици.
Претседател на У .О.
Владимир Симеонов, с.р. |