З А К О Н ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОСНОВАЊЕ НА МАКЕДОНСКА БАНКА ЗА ПОДДРШКА НА РАЗВОЈОТ
Член 1
Во Законот за основање на Македонска банка за поддршка на развојот (“Службен весник на Република Македонија” број 24/98 и 6/2000), членот 2 се менува и гласи:
“Основна задача на Банката е поддршка на развојот преку финансирање на инвестиции на мали и средни претпријатија, поддршка на извозот и спроведување на заеми и донации од странство.
За поддршка на развојот преку гарантирање на одобрени кредити за инвестиции од страна на банки и други финансиски институции, во Банката се организира Гарантен фонд како посебна организациона единица.”
Член 2
Во членот 3 зборовите: “Законот за банки и штедилници” се заменуваат со зборовите: “Законот за банките”.
Член 3
Во членот 4 став 3 зборовите: “30 милиони германски марки” се заменуваат со зборовите: “15 милион евра”.
Ставот 5 се брише.
Член 4
Во Главата 3 Предмет на работење пред членот 6 се додава поднаслов 3.1., кој гласи: “3.1. Активности на Банката”.
Член 5
Членот 6 се менуваат и гласи:
“Банката може да ги врши следниве финансиски активности:
1) кредитирање на отпочнување со работа и развој на мали и средни претпријатија во Република Македонија со среднорочни и долгорочни кредити;
2) кредитирање (финансирање) на инвестициони работи во странство, извоз и подготовка за извоз на трговски друштва од Република Македонија;
3) рефинансирање до 50 % од среднорочни и долгорочни кредити за извоз и за инвестициони работи во странство одобрени од домашни банки и други финансиски институции, претходно осигурани во Банката од некомерцијален ризик;
4) издавање инструменти за обезбедување на плаќања (гаранции, авали, договорен залог и други форми на обезбедување) по кредити одобрени од банки и други финансиски институции за проектите од точките 1 и 2 на овој став;
5) привремено здружување со други банки за давање на гаранции за инвестициони работи на трговски друштва во Република Македонија во странство во вредност од над 1.000.000 евра (банкарски конзорциум);
6) осигурување и реосигурување на побарувања врз основа на извршен извоз од комерцијални и некомерцијални ризици;
7) осигурување и пасивно реосигурување на странски инвестиции во Република Македонија и на инвестиции на домашни трговски друштва во странство од некомерцијални ризици;
8) откуп, продажба и наплата на побарувања;
9) факторинг и форфетинг за сметка на коминтенти;
10) економско-финансиски консалтинг и
11) прибирање, обработка и објавување на податоци за составување (утврдување) на кредитен рејтинг на правни лица и нивна продажба.
Работите од ставот 1 точки 1, 2, 3 и 4 на овој член Банката ги врши преку комерцијални банки, при што изложеноста на Банката спрема одделна банка може да изнесува најмногу до двојниот износ на гарантниот капитал на Банката.
За обезбедување од потенцијални загуби кои произлегуваат од конкретни ризични активни билансни и вонбилансни позиции Банката издвојува посебна резерва според посебна методологија што ја пропишува Народната банка на Република Македонија.
На Банката не се применуваат прописите со кои се уредува отворената девизна позиција.
За вршење на работите од ставот 1 на овој член Банката може од свое име и за своја сметка, врз основа на одлука на Управниот одбор, да склучува кредитни работи со домашни и странски институции и да издава хартии од вредност во согласност со закон.
Банката нема да одобрува кредити или да издава гаранции на државата, на јавните претпријатија и на институциите што се финансираат од Буџетот на Република Македонија и од буџетите на општините.
Банката ќе ги извршува активностите предвидени во овој член единствено со претпријатија кои навремено ги намируваат своите пристигнати обврски кон банките.
Начинот на вршење на работите од ставовите 1, 2 и 5 на овој член поблиску се уредува со статутот на Банката.”
Член 6
Во членот 8 став 2 зборовите: “гаранција за осигурување и реосигурување од комерцијални и некомерцијални ризици” се заменуваат со зборовите: “средства за обезбедување на плаќања во врска со активностите на Банката од членот 6 став 1 и членот 8-а став 1 на овој закон”.
Член 7
По членот 8 се додава поднаслов 3.2, кој гласи “3.2 Активности на Гарантниот фонд” со три нови члена 8-а, 8-б и 8-в, кои гласат:
“Член 8-а
Средствата од Гарантниот фонд се користат за издавање гаранции за обезбедување на плаќања по долгорочни кредити за инвестиции одобрени од страна на банки и други финансиски институции во Република Македонија на микро, мали и средни трговци, трговци-поединци и занаетчии, регистрирани во Република Македонија.
Гаранциите од ставот 1 на овој член не се одобруваат за проекти кои:
1) се финансирани или гарантирани со средства на Банката (член 6 став 1 точки 1, 2, 3 и 4);
2) ја загадуваат животната средина и природа;
3) се наменети за производство и дистрибуција на оружје и воена опрема и
4) се наменети за производство на дрога и други опојни средства.
Гаранциите од ставот 1 на овој член се одобруваат во корист на комерцијалните банки и други финансиски институции од Република Македонија, при што изложеноста на Гарантниот фонд спрема одделна банка не може да го надмине износот на средствата на Гарантниот фонд. Изложеноста на гарантниот фонд спрема одделна банка не се пресметува во изложеноста од членот 6 став 2 на овој закон.
За издадените гаранции се наплатува провизија во висина што ја утврдува Управниот одбор на Банката.
Член 8-б
Гарантниот фонд гарантира до една третина од кредити со вредност до 150.000 евра, при што износот на гаранцијата не може да надмине 35.000 евра.
Гаранциите се издаваат за период до десет години.
Од средствата на Гарантниот фонд на исто правно или физичко лице и на поврзани субјекти во смисла на Законот за банките, не може да се издаде повеќе од една гаранција во период од три години.
Гаранциите се издаваат врз основа на договор склучен согласно со Законот за облигациони односи.
Управниот одбор на Банката поблиску ги пропишува условите и постапката за издавање на гаранции и инструментите за нивно обезбедување.
Член 8-в
Гаранциите издадени од Гарантниот фонд се плаќаат во рок од три месеца од денот на доспевање на обврската.”
Член 8
Во Главата 4 СРЕДСТВА пред членот 9 се додава нов поднаслов 4.1., кој гласи: “4.1. Средства на Банката”.
Член 9
Во членот 12 став 1 зборовите: “членот 6 став 1 алинеја 4” се заменуваат со зборовите: “членот 6 став 1 точки 6 и 7”.
Член 10
По членот 14 се додава нов поднаслов 4.2., кој гласи: “4.2. Средства на Гарантниот фонд” со три нови члена 14-а, 14-б и 14-в, кои гласат:
“Член 14-а
Средствата на Гарантниот фонд се обезбедуваат од:
- Буџетот на Република Македонија, како неповратен депозит во износ од 265.000.000,00 денари;
- донации од земјата и странство;
- приходи од провизии за издадени гаранции;
- приходи од пласмани во хартии од вредност и
- други извори.
На средствата од ставот 1 на овој член не се пресметува и исплатува камата.
Средствата на Гарантниот фонд не влегуваат во гарантниот капитал на Банката и можат да се користат само за намените од членот 8-а на овој закон.
Член 14-б
За работа со средствата од Гарантниот фонд Банката отвора посебна сметка во Народната банка на Република Македонија.
За средствата на Гарантниот фонд Банката води посебна сметководствена евиденција.
До 70% од средствата на Гарантниот фонд може да се пласираат во краткорочни хартии од вредност со рок до три месеци издадена од државата и од Народната банка на Република Македонија.
Член 14-в
Вкупниот износ на издадени гаранции не може да го надмине трикратниот износ на средствата на Гарантниот фонд, при што во првата година од работењето не може да го надмине износот на средствата на Гарантниот фонд, а во втората двојниот износ на средствата на Гарантниот фонд.”
Член 11
Пред членот 15 се додава нов наслов кој гласи:
“4.3. Гаранции за обврски”.
Член 12
Во членот 15 став 1 зборовите: “членот 6 став 1 алинеи 1 и 2 и став 3 од истиот член” се заменуваат со зборовите: “членот 6 став 1 точки 1, 2, 3, 4, 5, 8, 9, 10 и 11 и членот 8-а став 1 на овој закон”.
Во ставот 2 зборовите: “алинеја 1” се бришат.
Член 13
Членот 16 се менува и гласи:
“Внатрешната организација на Банката се уредува со статутот на Банката и други општи акти на Банката.”
Член 14
Насловот на Главата 7 се менува и гласи:
“7. Управување”.
Член 15
Членот 17 се менува и гласи:
“Република Македонија во Собранието на Банката е претставена од пет лица именувани од Владата на Република Македонија - претставници на државниот капитал.
До приватизација на најмалку 15% од капиталот на Банката, именуваните претставници на државниот капитал во Собранието на Банката воедно се и членови на Управниот одбор на Банката.
Со приватизација на најмалку 15% од капиталот на Банката, Управниот одбор на Банката го сочинуваат пет члена именувани од Собранието на Банката и тоа три на предлог на претставниците на државниот капитал во Собранието на Банката, по претходна согласност на Владата на Република Македонија и два члена на предлог на другите акционери на Банката.
Со приватизација на најмалку 15% од капиталот на Банката одлуките во врска со средствата од Гарантниот фонд ги донесуваат членовите на Управниот одбор на Банката назначени на предлог на претставниците на државниот капитал во Собранието на Банката.”
Член 16
Членот 18 се брише.
Член 17
Членот 19 се менува и гласи:
“Надзор над Банката врши Народната банка на Република Македонија, во согласност со Законот за банките и Министерството за финансии, во согласност со Законот за супервизија на осигурувањето.”
Член 18
Во членот 20 зборовите: “економски проценител” се заменуваат со зборот “ревизор”.
Се додава нов став 2, кој гласи:
“За користење на средствата од Гарантниот фонд Банката двапати годишно доставува извештаи до Владата на Република Македонија.”
Член 19
Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
|