ПРОМОЦИЈА НА НОВАТА ДИГИТАЛНА ПЛАТФОРМА ЗА Е-ОСИГУРУВАЊЕ НА РАЗВОЈНА БАНКА

08.05.2026

Македонските компании ќе имаат лесен и брз пристап до осигурувањето на своите побарувања

   

На 8.5.2026 година во просториите на Развојна банка на Северна Македонија АД Скопје се одржа промоција на новата платформа за Е-осигурување во присуство на раководството на Банката, заменик-шефот на мисијата во Амбасадата на Швајцарија во Северна Македонија, претставници од ИМЕ-програмата за зголемување на пазарната вработливост, претставници од компанијата АСЕЕ Скопје и претставници од медиумите.
 

     


Од страна на тимот за кредитно осигурување и факторинг беше извршена презентација на функционалностите на платформата и беа објаснети бенефитите за домашните извозни компании со користење на платформата, пред сé:

  • Поголема ефикасност односно намалени административни процеси,
  • Намалени оперативни ризици,
  • Побрзи одлуки за поефикасна комерцијална стратегија и подобри пазарни позиции,
  • Инструмент за правилно управување со побарувањата.  
     

     


Развојна банка е единствена банка во државата која го нуди овој производ. Искуството покажа дека тој е препознаен од домашните компании како инструмент кој надминува одредени проблеми и остварува позитивни ефекти во нивното работење. Осигурувањето на побарувањата овозможува освојување на нови пазари на кои се присутни ризиците од наплата на побарувањата, што влијае и на ликвидноста на домашните компании. 

Главниот извршен директор, д-р Ефимија Димовска, изрази благодарност до Владата на Швајцарската Кофедерација и ИМЕ програмата за безрезервната поддршка, како и до тимот на АСЕЕ Скопје за нивниот придонес кон реализација на овој проект, истакнувајќи дека секоја идна поддршка кон дигитализација на процесите во банката е добредојдена.

Заменик-шефот на мисијата во Швајцарската амбасада истакна дека оваа иницијатива е повеќе од технолошка надградба на Развојната банка, односно таа е јасен чекор напред во зајакнувањето на конкурентноста на македонските компании, изразувајќи задоволство што  Развојната банка останува посветена на воведување нови алатки, следејќи ги меѓународните трендови и применувајќи дигитални решенија во клучните сектори на економијата, бидејќи, „дигитализацијата не е избор, туку неопходност – особено во тековното неизвесно опкружување”.
 

     


Претставникот на ИМЕ посебно се заблагодари на подготвеноста на Банката и пред сé на тимот за кредитно осигурување и факторинг кон процесите за дигитализација.