Главниот извршен директор на Развојна банка на Северна Македонија, д-р Ефимија Димовска, учествуваше на панел-дискусијата „Предуслови и предизвици за забрзана дигитализација на приватниот сектор“, во организација на ИНОФЕИТ ЕДИХ, Скопје и Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ.
Во фокусот на дискусијата беа можностите за забрзување на дигиталната трансформација на македонските компании, достапните механизми за поддршка и финансирање, како и предизвиците со кои се соочува приватниот сектор. Беа разменети мислења за улогата на институциите и деловниот сектор во создавањето поволни услови за дигитален развој.
Д-р Ефимија Димовска ја нагласи важноста на финансиската поддршка во поттикнувањето на дигитализацијата, иновациите и конкурентноста на компаниите, како и улогата на Развојната банка во тој процес преку обезбедување на таргетирани финансиските инструменти и механизми за поддршка на инвестиции во дигитална технологија од страна на македонските компании.
Настанот ги обедини претставниците на институциите, бизнис-заедницата и организациите за поддршка на бизнисот, со цел да се идентификуваат конкретни можности за унапредување на дигиталната трансформација во земјата.