Бесими и Наумов: Грант до 15.000 евра за нови вработувања и успешност преку „Ковид4“
Прес-конференција, Министерство за финансии на РСМ
Скопје, 27 април 2021 – До 15.000 евра грант-средства за фирмите од областа на туризмот, угостителството, ивент-индустријата, приватните здравствени установи, трговци поединци и занаетчии, кои ќе ја користат новата бескаматна линија „Ковид4“, доколку вработат нови работници и ги зголемат приходите годинава. Денес министерот за финансии Фатмир Бесими и директорот на Развојната банка на Северна Македонија Кире Наумов ги презентираа условите на бескаматна линија од Петтиот пакет мерки, за која ќе може да се аплицира по објавување на јавниот повик кон крајот на мај.
За мерката се издвоени вкупно 615 милиони денари или 10 милиони евра од буџетот, кои ќе се пласираат преку Развојната банка. Висината на поединечните кредити ќе изнесува од 3.000 до 30.000 евра. Мерката има за цел да ја поддржи ликвидноста во стопанството, но и да ја стимулира инвестициската активност на компаниите.
-Условите за оваа линија се направени така да ги наградуваат успешноста во работењето на фирмите, инвестициите и проширувањето на капацитетите. „Ковид4“ линијата, предвидува грантови за успешност во случај доколку фирмите ги зголемат вкупните приходи во 2021 година за најмалку 10% споредено со 2020 година – тогаш ќе имаат право да побараат грант од 30% од кредитот, или во случај доколку го зголемат бројот на вработени во 2021 година за најмалку 5% – тогаш ќе можат да побараат грант од 20%. Доколку пак се исполнат и првиот и вториот услов, кредитокорисникот може да оствари право на грант од 50%. Вкупната сума на грантот може да биде од 600 евра – минимален износ, до 15.000 евра – максимален износ. Фирмите ќе можат да поднесат барање за грант-средства до банката, во моментот кога ќе отплатат 40% од кредитот. – рече министерот за финансии Фатмир Бесими.
Директорот на Развојната банка Кире Наумов информираше дека ,,Ковид4” е наменета за микро, малите и средни трговски друштва до 250 вработени од дејностите туризам, угостителство, ивент индустрија и транспорт, приватните здравствени установи, трговците поединци и занаетчиите, кои можат да докажат пад на приходите од најмалку 30% и имаат капитал и резерви во своите биланси не помалку од 33% од износот на бараниот кредит.
-Износот на кредит кој ќе може да го користи одреден субјект ќе зависи од бројот на вработените во месец јануари, февруари или март 2021 година и падот на приходите во 2020 година, во однос на 2019 година. Субјектите кои имаат пад на приходи помеѓу 30 и 50 проценти, ќе може да користат кредит по 15.200 денари по вработен, додека субјектите кои имаат пад на приходи повеќе од 50 проценти ќе може да користат кредит по вработен од 22.000 денари. Така на пример, субјект со 20 вработени, кој претпоставуваме има пад на приходите од 35%, ќе може да користи кредит: 15.200 денари по 20 вработени по 3 месеци = 912.000 денари (или 14.830 евра). Доколку овој субјект има пад на приходите од 60%, тоа е пад повеќе од 50%, тогаш ќе може да користи кредит најмноигу до 1.320.000 денари (или 21.460 евра) пресметан како 22.000 по 20 вработени по 3 месеци – рече Наумов.
Корисниците на „Ковид4“ не можат истовремено да ја користат мерката Финансиска поддршка за исплата на плати од Петтиот пакет, како и корисниците на „Ковид3“ линијата. Корисниците на „Ковид1“ и „Ковид2“, можат да бидат корисници на „Ковид4“, доколку ги измириле сите достасани обврски по основ на претходните кредити.
Исто така, сите потенцијални корисници на ,,Ковид4” кредитната линија, треба навремено да ги завршат обврските за пријавување на вистински сопственик во Регистарот на вистински сопственици при Централниот регистар.
Рокот на отплата на кредитите од оваа бескаматн линија е до 42 месеци со грејс период од 12 месеци, додека отплатата на кредитот ќе се врши квартално по 10% од главнината.
На прес-конференцијата беше информирано дека преку претходните три бескаматни линии „Ковид1“, „Ковид2“ и „Ковид3“, кои се во целост искористени, инјектирани се 44,1 милиони евра во стопанството. Поддржани се 4.078 фирми, од кои најголем дел микро-претпријатија или 1.943 фирми. Во овие 4 илјади фирми, вработени се 36.802 лица.
Со последната бескаматна линија „Ковид3“ воведена е грант-компонента за микро и мали субјекти раководени од жени, млади претприемачи, субјектите кои извезуваат, оние кои се дигитализираат и прилагодуваат дури и во време на пандемија од коронавирусот. Од 62% од кредитокорисниците на „Ковид3“ се очекуваат барања за грант.