Врз основа на Законот за Македонска Банка за поддршка на развојот и Договорот за администрирање на Посебниот кредитен фонд (ПКФ) број 21–307/1 од 24.01.2011 година, Анекс кон Договорот за администрирање на Посебниот кредитен фонд склучен помеѓу Владата на Република Македонија и Македонска Банка за поддршка на развојот (во понатамошниот текст: МБПР) заведен во Министерство за финансии под број 02 – 10369/1 од 31.08.2018 година и во МБПР под број 26 – 2132/1 од 31.08.2018 година и Анекс кон Договорот за администрирање на Посебниот кредитен фонд склучен помеѓу Владата на Република Македонија и МБПР заведен во Министерство за финансии под број 13-1292/1 од 18.10.2018 година и во МБПР под број од 26.2604/1 од 18.10.2018 година склучен помеѓу Владата на Р.Македонија и МБПР, се распишува:
ЈАВЕН ПОВИК
за прибирање на апликации за одобрување кредити за финасиска поддршка на трговски друштва регистрирани во Република Македонија од Посебниот кредитен фонд
I. ПРЕДМЕТ НА ЈАВНИОТ ПОВИК
Предмет на овој јавен повик е прибирање на апликации за одобрување кредити за финасиска поддршка на трговски друштва регистрирани во Република Македонија од Посебниот кредитен фонд (ПКФ), активни во класата на дејности од листата на класи на дејности предмет на финансирање од Национална Класификација на Дејности (НКД).
II. ЦЕЛИ
Целта на овој јавен повик е да се создаде поповолно опкружување, подобрување на условите за работа на трговските друштва регистрирани во Република Македонија и да обезбеди поддршка за трговските друштва кои сакаат да развијат нов или подобрен производ или производствен процес преку обезбедување на неопходната финансиска поддршка.
III. РАСПОЛОЖИВИ СРЕДСТВА ЗА КРЕДИТИРАЊЕ
Вкупните расположиви средства за кредитирање со овој јавен повик се во износ од 3.500.000 ЕУР евра, односно 215.232.500,00 денари.
IV. СУБЈЕКТИ КОИ ИМААТ ПРАВО НА ПОДНЕСУВАЊЕ НА АПЛИКАЦИЈА ЗА КРЕДИТ
Право на поднесување на апликација за кредит имаат:
- трговски друштво регистрирани во Република Македонија
- трговски друштво кои се најмалку 51% во приватна сопственост,
- трговски друштво активни во класата на дејности од Листата на класи на дејности предмет на финансирање од НКД. (пдф: Листа на класи на дејности)
- трговски друштва кои немаат неплатени даноци и придонеси освен ако на истите им е одобрено одложено плаќање на даноците и придонесите во согласност со посебните прописи и истите редовно ги плаќаат,
- трговски друштва кои не се во постапка на стечај или ликвидација,
- работат подолго од 6 месеци и имаат поднесено годишна сметка во централен регистар
- кои согласно последните финансиски извештаи имаат поголем капитал и резерви (наведен во билансот на состојба) од износот на бараниот кредит,
- кои согласно извештаите од кредитен регистар за тековна изложеност се во класификација подобра или еднаква на Б или немаат кредитна изложеност.
V. ФИНАНСИСКИ ПОКАЗАТЕЛИ КОИ ТРЕБА ДА ГИ ИСПОЛНАТ ПОТЕНЦИЈАЛНИТЕ КРЕДИТОКОРИСНИЦИ
Потенцијалните кредитокорисници треба да ги исполнуваат следните финансиски показатели:
- показателот за степен на сервисирање на долгот треба да е над 1 при што истиот се , пресметува како сооднос помеѓу (нето добивка и амортизација)/(каматата и главницата која доспева за соодветната година),
- показателот за степенот на финансиска задолженост на компанијата треба да е помал од 2,33, а се пресметува како сооднос помеѓу вкупни обврски по кредити/ капитал и резерви,
- показателот за тековна ликвидност треба да е најмалку 0,9, а се пресметува како сооднос помеѓу тековни средства и тековни обврски,
- показател за брза ликвидност треба да е најмалку 0,4, а се пресметува како сооднос помеѓу тековни средства намалени за залихите и тековните обврски,
- учество на капиталот и резервите во вкупните извори на финансирање/пасива да е најмалку 15%,
- сопствено учество да е најмалку од 20% при што се признаваат и претходните вложувања.
VI. УСЛОВИ ПОД КОИ СЕ ОДОБРУВААТ СРЕДСТВАТА
Средствата од Посебниот кредитен фонд наменети за директна поддршка ќе се доделуваат под следните услови:
Намена на кредитот:
Кредитите од оваа кредитна линија се одобруваат со намена за набавка на основни и обртни средства од страна на кредитокорисниците и тоа за:
- креирање на нови работни места,
- подобрување и модернизација на производството на постојните производи,
- проширување на постојното производство, изградба и проширување на производните капацитети,
- изградба на производствени капацитети кои вклучуваат изградба или инвестирање во нови или реконструкција, адаптација и надградба на постојните објекти како и купување на нови производствени хали со придружна инфраструктура и опрема, а кои се тесно поврзани со производството,
- набавка на нови технологии кои придонесуваат за подобрување на деловните активностите на трговското друштво (машини, постројки и опрема за производство),
- набавка на ИТ опрема која е непосредно врзана со производството,
- воведување на Систем за квалитет во согласност со стандардите (серија ISO стандарди, системи за управување со здравјето и безбедноста при работа итн.),
- започнување на значајни активности врз основа на промени во севкупните производни процеси и состојбата на постојната деловна активност на трговското друштво.
Кај кредитите одобрени за набавка на основни средства, до 30% од износот на кредитот може да се користи за обртни средства во рамките на проектот.
Износ на кредитот:
- Минимум 3.074.750,00 денари. (50.000 ЕУР)
- Максимум 92.242.500,00 денари ( 1.500.000 ЕУР)
Средствата се пласираат во денари со девизна клаузула.
Начин на пласирање:
- Директно до кредитокорисниците. МБПР склучува договор за кредит во име и за сметка на Владата на Република Македонија со кредитокорисникот.
Рокови и начин на отплата:
- Кредитите ќе се одобруваат со рокови на отплата до 5 (пет) години со вклучен грејс период до 1 (една) година со намена за основни средства, односно 3 (три) години со вклучен грејс период од 1 (една) година со намена за обртни средства.
Отплатата на кредитот од страна на кредитокорисникот ќе се врши во квартални отплати.
Каматна стапка и провизија за кредитокорисниците:
- Каматната стапка која Банката ќе ја наплаќа од кредитокорисникот е 5% фиксно на годишно ниво.
- Пресметката на камата МБПР ќе ја врши со примена на пропорционална метода за реален број на денови во месецот за 365/366 денови во годината.
- Еднократна провизија за управување на кредитот во висина од 0,8% од износот на кредитот.
Обезбедување:
- Залог врз недвижен и/или подвижен имот со извршна клаузула и со проценета вредност најмалку три пати поголема од вредноста на одобрениот кредит,
- Меница со извршна клаузула.
VII. ЗАДОЛЖИТЕЛНА ДОКУМЕНТАЦИЈА
Задолжителна документација која заинтересираниот субјект е должен да ја достави на јавниот повик е следната:
- Апликација за кредит,
- Апликација за идентификација на клиент,
- Бизнис план (за кредитни барања за обртни средства),
- Инвестициона програма (за кредитни барања за основни средства),
- Tековна состојба не постара од 15 дена,
- Доказ за немање достасани неподмирени обврски кон државата не постара од 15 дена – Уверение од УЈП),
- ЗП образец,
- Изјава за капитална поврзаност,
- Годишна сметка за последните 3 години. Доколку друштвото работи помалку од три години, потребно е да се достават годишните сметка за целиот период на работење,
- Документација за можно обезбедување,
- Изјава за задолженост во други банки и финансиски институции,
- Изјава за постоење својство носител на јавна функција на клиентот,
- Изјава за проверка на кредитна изложеност.
Документацијата се доставува во оригинал или во заверена копија.
VIII. ОБРАБОТКА НА ПРИЈАВИТЕ
МБПР врши обработка на пристигнатите пријави во рок од 30 дена од денот на приемот на секоја поединечна пријава согласно условите и критериумите дадени во овој оглас и доставува информација до Владата на Република Македонија.
IX. НАЧИН ЗА РАСПРЕДЕЛБА НА СРЕДСТВАТА
Владата на Република Македонија врз основа на информацијата доставена од страна на МБПР врши распределба на средствата по принципот прв дојден прв услужен.
X. ИЗГОТВУВАЊЕ И ПОДНЕСУВАЊЕ НА АПЛИКАЦИЈАТА ЗА КРЕДИТ
Апликацијата за учество на јавниот повик со комплетната документација се доставува во затворен и нетранспарентен коверт во архивата на Банката или преку пошта на следната адреса:
Македонска Банка за поддршка на развојот АД Скопје
бул. Димитрие Чуповски број 26
1000 Скопје
Во ковертот може да се достави само апликација за едно кредитно барање, во спротивно апликацијата ќе се отфрли.
XI. ОПШТИ ОДРЕДБИ
Апликациите по јавниот повик се доставуваат во рок од 30 дена од денот на објавувањето на јавниот повик.
Апликациите кои ќе бидат поднесени по истекот на рокот од предходниот став, нема да бидат предмет на разгледување и одлучување.
Документите кои се доставуваат на јавниот повик се неповратни.
Неадекватно пополнетите или некомплетни апликации нема да се разгледуваат.
МБПР не сноси никакви трошоци настанати со подготовка, составување и доставување на апликациите, така да учесникот на јавниот повик нема право на надомест на било какви трошоци по основ на учество на овој јавен повик.
МБПР благовремено, ќе ги извести апликантите за резултатите од јавниот повик.
Сите дополнителни информации поврзани со јавниот повик, може да се добијат секој работен ден од 08.30 до 15:00 часот, по пат на контакт телефон: 02/3115-844 или 02/3114–840.
ЛИСТА НА КЛАСИ НА ДЕЈНОСТИ ПРЕДМЕТ НА ФИНАНСИРАЊЕ ОД НАЦИОНАЛНАТА КЛАСИФИКАЦИЈА НА ДЕЈНОСТИ
Избор од листа