РБСМ во првата половина од 2022 година со позитивни резултати, и со поддршка на компаниите во услови на економска и енергетска криза
Развојна банка на Северна Македонија АД Скопје (РБСМ), како единствена развојна банка во целосна државна сопственост, и во првата половина од 2022 година оствари позитивни резултати, ставајќи го целиот свој финансиски и оперативен капацитет во функција на остварување на основната цел за која е формирана - поддршка на развојот на македонското стопанство во согласност со стратешките политики, цели и приоритети на државата.
Во услови на закрепнување на домашното стопанство од здравствената и енергетската криза, активностите на Банката оваа година се во знакот на поддршка на деловните субјекти во насока на намалување на последиците од економската и енергетската криза предизвикана од геополитичките случувања, со цел, полесен пристап до ликвидни средства.
Во периодот од 01.01-30.06.2022 година, Банката работеше согласно усвоениот финансиски план, развоен план и деловна политика за тековната година, и оствари позитивен нето-финансиски резултат од 45 милиони денари (732 илјади евра), што е речиси двојно повеќе во однос на остварениот резултат во истиот период од 2021 година. Вкупната актива на Банката е зголемена за 43% и изнесува 16,4 милијарди денари, со соодветен раст на кредитното портфолио од 54%, и на изложеноста по основ на факторинг услугата од 200%.
Во првата половина од годината, РБСМ ги повлече последните три транши од ЕИБ 6 кредитната линија во износ од 40,8 милиони евра, со тоа што сите 100 милиони евра од оваа кредитна линија се веќе ставени во функција на поддршка на малите и средни компании. Паралелно, Банката воведе нови кредитни линии и ги олесни условите на кредитната линија за агросектор:
Бескаматна кредитна линија за обртни средства за компании погодени од енергетската и економската криза преку директно кредитирање од РБСМ
Бескаматна кредитна линија за обртни средства за зголемени цени на енергенси преку банки учеснички
Кредитна линија за енергетска ефикасност (ЕЕ) и обновливи извори на енергија (ОИЕ) преку банки учеснички
Субвенционирање на камата по кредити дадени од деловните банки на компании кои ја реинвестирале добивката
Олеснети услови на кредитна линија за производство, преработка и извоз на земјоделски производи
Во следниот период, РБСМ и понатаму целосно ќе им остане на располагање на компаниите во соочување со актуелните предизвици од економска и неекономска природа, со што целосно ќе остане фокусирана на остварување на нејзината улога како развојна банка.