Работен состанок на раководството на Развојна банка со Кризниот штаб на Стопанската комора на Северна Македонија
„Постои голем интерес за кредитните линии за поддршка на стопанството во услови на енергетска криза“
Раководството на Развојната банка денеска имаше средба со Кризниот штаб на Стопанската комора на Северна Македонија, на која се разговараше за кредитните линии за поддршка на стопанството што ги нуди банката во услови на енергетска криза. На состанокот на кој, освен главниот извршен директор Кире Наумов, присуствуваше и главниот оперативен директор Фарук Исмаили и дел од стручните служби. Oд страна на Кризниот штаб беа презентирани активностите, но и барањата на компаниите кои произлегоа од директните средби на терен, а се однесуваат на полесно премостување на кризата и подобрување на нивната ликвидноста.
Потпретседателката на Комората Јелисавета Георгиева-Јовевска потенцираше дека покрај директните субвенции за електрична енергија, компаниите се заинтересирани и за кредити со ниски каматни стапки кои ќе им помогнат полесно да ја надминат енергетската криза. Во таа насока Комората, преку Кризниот штаб ќе преземе и дополнителни активности за реафирамација на кредитните линии што ги нуди Развојната банка кај бизнис заедницата.
На состанокот извршниот директор Наумов информираше дека постои голем интерес за можностите за кредитирање. Дел од кредитите за компаниите се директно кредитирани од РБСМ, односно пласирани се 5.5 милиони евра кај 122 компании во дејностите поврзани со производство на храна, а дел од кредитите се реализираат преку банки учеснички (8 комерцијални банки).
Во подготовка е нова поддршка од 5 милиони евра, која за десетина дена ќе им биде ставена на располагање на микро, малите и на средни претпријатија. Истовремено, потенцираше Наумов, Развојната банка е во преговори и со неколку меѓународни институции, меѓу кои и Европската инвестициска банка за обезбедување нова транша за поддршка на малите и средни компании, како и за зелена транзиција. До сега, преку ЕИБ се повлечени 6 (шест) кредитни линии и инвестирани се 550 милиони евра за поддршка на 2.361 микро, мали и средни компании во државата.