Јавен повик бр. 1, Кредитна линија за обртни средства за компании погодени од енергетска и ценовна криза

19.12.2022

Врз основа на Законот за Развојна банка на Северна Македонија (Сл.Весник на Република Македонија бр.105/2009 и Сл.Весник на Република Северна Македонија бр. 77/21), Договорот за администрирање на кредитна линија за обртни средства за компании погодени од енергетска и ценовна криза преку директно кредитирање од РБСМ бр.13-12273/1 од 24.11.2022 година, Развојна банка на Северна Македонија АД Скопје објавува:

 
 
ЈАВЕН ПОВИК бр. 1

за поднесување на кредитно барање за директно кредитирање на микро, мали и средни компании како и ТП и занаетчии кои плаќаат давачки на реален приход од Кредитната линија за обртни средства за компании погодени од енергетска и ценовна криза

 

I. ПРЕДМЕТ НА ЈАВНИОТ ПОВИК

Предмет на овој јавен повик е поднесување на кредитно барање од Кредитната линија за обртни средства за компании погодени од енергетска и ценовна криза за директна поддршка на микро, мали и средни трговски друштва, трговци поединци и занаетчии кои плаќаат данок на реален приход и се регистрирани во Република Северна Македонија.

Средствата од кои ќе се реализира Кредитна линија за обртни средства за компании погодени од енергетската и ценовната криза се обезбедени во износ од 300.000.000 денари.

 

II. УСЛОВИ ЗА ОДОБРУВАЊЕ НА СРЕДСТВАТА

Средствата од Кредитната линија за обртни средства за компании погодени од енергетска и економска криза ќе се доделуваат под следните услови:

Намена на кредитот:

За обртни средства за поддршка на компаниите погодени од енергетска и ценовна криза.
 
Износ на кредитот: 
  • минимален износ: 184.500 денари,
  • максимален износ:
  • 1.845.000 денари (микро, мали и средни трговски друштва)
  • 615.000 денари (ТП, занаетчии)
Начин на пласирање:
Одобрениот кредит се исплаќа директно на кредитокорисникот согласно инструкциите наведени во Барањето за кредит.
 
Рокови на отплата:
Кредитите од Кредитна линија за обртни средства за компании погодени од енергетската и ценовната криза ќе се одобруваат со рок на отплата од 18 месеци до 36 месеци со вклучен грејс период од 6 месеци.

Отплатата на кредитот од страна на кредитокорисникот ќе се врши во квартални периоди на отплата.

Критериуми за одобрување:

Квалификувани кредитобаратели се:
Микро, мали и средни трговски друштва (согласно тековната состојба) како и ТП и занаетчии кои плаќаат давачки на реален приход

Кредитобарателите треба да ги исполнат следните критериуми:
  • Регистрирани се во Република Северна Македонија,
  • Се најмалку 51% во приватна сопственост,
  • Немаат неподмирени обврски кон државата за што доставуваат потврда од УЈП не постара од 01.01.2022 година,
  • Не се во постапка на стечај или ликвидација,
  • Имаат поднесено годишна сметка во Централен регистар за 2021 година, независно од месеците на работење,
  • Имаат запишано вистински сопственик во Регистарот за вистински сопственици при Централниот регистар на РСМ доколку е обврзник (Тековна состојба за вистински сопственик, потврда за вистински сопственик),
  • Имаат главнина и резерви (наведени во билансот на состојба за 2021 година, АОП 65) не помалку од 30% од износот на бараниот кредит (овој критериум не се однесува на ТП и занаетчии),
  • Согласно податоците од кредитен регистар на НБРСМ со состојба 30.06.2022 година се во класификација подобра или еднаква на Б (се врши пресметка на просечна ризичност) или кои немаат кредитна изложеност. Исклучок е доколку вкупната кредитна изложеност на банките кон одреден клиент е помала од 10.000 денари,
  • Во моментот на поднесувањето на апликацијата за кредит немаат неизмирени достасани обврски во износ поголем од 10.000 денари, како корисници на ,,Ковид 1”, ,,Ковид 2” ,,Ковид 3” и ,,Ковид 4”кредитна линија,
  • Не се корисници на кредит од Бескаматната кредитна линија за обртни средства за компании погодени од енергетската и економската криза (ЕЕ Криза) директно преку РБСМ,
  • Нето-финансиски резултат искажан во билансот на успех на АОП 255 во износ не е поголем од 3.000.000 денари или нето-финансиски резултат искажан во билансот на успех на АОП 256 (овој критетериум не се однесува на ТП и занаетчии).
  • Во 2022 година да има над 100% зголемени трошоци за енергенси во однос на 2021 година за што за споредба доставува копија од една фактура за енергенси издадена во периодот од јануари – септември 2022 година со копија од една соодветна фактура за енергенси издадена во периодот од јануари – септември 2021 година (се споредуваат фактури со ист месец на издавање и за ист енергенс),
  • Во барањето за кредит, има дадено Изјава за енергетска ефикасност во која е наведено дека во деловните процеси, како и во процесите за реализација на идните набавки или инвестиции за време на отплатата на кредитот, кредитобарателот ќе води грижа за остварување на поголема енергетска ефикасност и ќе остварува најмалку 10% заштеда во потрошувачка на енергенсите.
 
 
Каматна стапка за кредитокорисниците
Каматната стапка за кредитокорисниците се утврдува на 2% на годишно ниво. Доколку кредитокорисникот не ги исполни обврските согласно роковите на достасување, ќе биде задолжен и со казнена камата по стапка утврдена со закон.

РБСМ нема да наплаќа провизија од кредитокорисникот за обработка на кредитните барања.

 
Обезбедување
Кредитот се обезбедува со меница од кредитокорисникот авалирана од еден од сопствениците на кредитокорисникот, со менична изјава за уредување на правата и обврските по меницата во форма на нотарски акт со извршна клаузула.

Трошоците за воспоставување на обезбедувањето се на товар на кредитокорисникот.

Останато
РБСМ во име и за сметка на Владата на Република Северна Македонија, по одобрување на кредитното барање, ќе склучи договор за кредит со кредитокорисникот.
 
 

III. СУБЈЕКТИ КОИ ИМААТ ПРАВО НА ПОДНЕСУВАЊЕ НА КРЕДИТНО БАРАЊЕ

Право на поднесување на кредитно барање имаат, микро, мали и средни трговски друштва (согласно тековна состојба), трговци поединци и занаетчии кои плаќаат данок на реален приход кои се регистрирани во Република Северна Македонија согласно позитивните прописи и се со основна главнина во приватна сопственост на правни и физички лица од најмалку 51%.

Кредитобарателот може да ја провери својата класификација по големина со увид во негова тековна состојба.

 
 

IV. ЗАДОЛЖИТЕЛНА ДОКУМЕНТАЦИЈА

Документ без кој нема да се обработува барањето за кредит е Кредитно барање од кредитобарателот, кој е образец објавен на веб страницата на банката и кое ги содржи основните информации на кредитобарателот, износот на кредит кој го бара, инструкции за плаќање и други информации.

Задолжителна документација која кредитобарателот е должен да ја достави на јавниот повик е следната:
 
  1. Кредитно барање,
  2. Апликација за регистрација на клиент-правно лице,
  3. Изјава за поврзаност со други правни/физички лица,
  4. Изјава за постоење својство на носител на јавна функција,
  5. Изјава за проверка на кредитна изложеност,
  6. ЗП образец (образец за заверен потпис),
  7. Доказ за немање на достасани неплатени даноци и придонеси кон државата – Уверение од УЈП (не постаро од  01.01.2022 година),
  8. Тековна состојба не постара од 6 месеци (од Централен регистар на РСМ),
  9. Годишна завршна сметка (со 31.12.2021 г.) (од Централен регистар на  РСМ),
  10. Доказ дека не е отворена стечајна, односно ликвидациона постапка -Потврда за стечај и Потврда за ликвидација (од Централен регистар на РСМ) не постара од 6 месеци,
  11. Копија од една фактура за енергенси издадена во периодот од јануари – септември 2022 година и копија од соодветна фактура за енергенси издадена во периодот од јануари – септември 2021 година (се доставуваат фактури со ист месец на издавање и за ист енергенс).

 Документација која кредитобарателот треба да ја достави или која доколку не биде доставена од кредитобарателот банката ќе ја обезбеди по службена должност:

      12. Тековна состојба на вистински сопственик не постара о�� 6 месеци. 

 

V. КРИТЕРИУМИ ЗА ОДЛУЧУВАЊЕ ЗА РАСПРЕДЕЛБА НА СРЕДСТВАТА

Квалификуван кредитокорисник кој ги исполнува критериумите за одобрување на кредит по принципот ,,ПРВ ДОЈДЕН, ПРВ УСЛУЖЕН”.

Кредитните барања се обработуваат хронолошки како што се пристигнати на е-маил eckriza@mbdp.com.mk

 

VI. ИЗГОТВУВАЊЕ И ПОДНЕСУВАЊЕ НА КРЕДИТНО БАРАЊЕ

Кредитното барање со комплетната документација се доставува исклучиво по електронски пат, на следната е-маил адреса: eckriza@mbdp.com.mk

Доставените кредитни барања се распределуваат автоматизирано, поради што е неопходно да се почитуваат следните правила при аплицирање:

    • Во предметот (Subject) на е-маилот со кој се доставува кредитното барање да биде наведен назив на компанијата град и правната форма на латиница, на пример: Vardar Berovo DOOEL
    • Доколку кредитното барање се доставува во две или повеќе пораки, насловот (Subject) на пораките треба да е ист како во првата порака без дополнителни знаци и додатоци како на пример: 1, 2, vtor del, covid4, kovid, итн.
    • Прилозите не треба да надминуваат големина од 8MB и треба да бидат доставени во прилог како .pdf, .zip или .rar формат. 

Кредитното барање е задолжителен документ и доставената друга документација нема да биде разгледана додека не се достави Кредитно барање. Кредитното барање мора да биде целосно пополнето.

Кредитното барање и пропратните документи чии обрасци се пропишани од банката, се препорачува да бидат пополнети електронски, на компјутер, или доколку тоа не е возможно да бидат пополнети читко со печатни букви.
Кредитните барања можат да бидат потпишани рачно или со дигитален сертификат.
Кредитобарателот може да поднесе само едно кредитно барање.

 
 
VII. ОПШТИ ОДРЕДБИ
Кредитните барања за јавниот повик се доставуваат 15 денасо почеток од 26 декември 2022 година од 09:00 часот и завршува на 09 јануари 2023 година во 09:00 часот.
Обработката на пристигнатите кредитни барања ќе отпочне по затворање на јавниот повик.
Документите кои се доставуваат на јавниот повик се неповратни.
Неадекватните кредитни барања на неквалификувани кредитокорисници нема да се разгледуваат.
Некомплетните барања за кредит нема да се разгледуваат сè додека не се дополнат.
Пристигнатите документи без Кредитно барање (образец на веб страната на банката) нема да се обработуваат сè додека не се поднесе Кредитното барање.
Банката не сноси никакви трошоци настанати со подготовка, составување и доставување на барањата за кредит, така што учесникот на јавниот повик нема право на надомест на било какви трошоци по основ на учество на овој јавен повик.
Банката ќе ги извести барателите на кредит на коишто им е одобрен кредит врз основа на доставено Кредитно барање, на електронската адреса наведена во Тековната состојба на субјектот.
Банката ќе ги извести кредитобарателите чии кредитни барања се одбиени, со причина за одбивање, на електронската адреса наведена во Тековната состојба на субјектот.
Банката нема да ги известува индивидуално кредитобарателите чии кредитни барања се пристигнати по исцрпување на средствата.
За исцрпување на средствата по објавениот Јавен повик, Банката ќе објави на својата веб страница.
Сите информации и обрасци поврзани со јавниот повик, може да се најдат на веб страната на банката.