Развојната банка целосно ја реализираше кредитната линија за обртни средства за компании погодени од енергетска и ценовна криза чија цел беше да се помогне на микро, малите и средни трговски друштва, трговците поединци и занаетчиите на кои им е потребна ликвидност за покривање на зголемените трошоци за енергенси како значајна ставка во вкупните трошоци на производство, како и за полесено премостување на периодот на кризата.
Исплатени се средства во износ од 443,5 милиони денари (7,2 милиони евра) за 262 компании. Најголем дел одобрените и исплатени барања се однесуваат на субјекти кај кои има најмалку 100% зголемување на трошоците за енергенси и тоа на електрична енергија (кај 89,3% од барањата), нафта (кај 7,3% од барањата), пелети (кај 2,3% од барањата) и гас (кај 1,1% од барањата). Од вкупно одобрените барања, 76,3% се однесуваат на одобрени барања за ДООЕЛ, 20,6% за ДОО и 3,1% на останати типови на деловно организирање. Најголем дел од одобрените барања се однесуваат на поддршка на микро компании (82,7%), потоа на мали компании (12,8%) и на средни компании (4,5%).
Развојната банка и во иднина ќе ги прилагодува своите производи во насока на поддршка за континуитет на деловните процеси на компаниите и проширување на нивните деловни активности.