Развојна банка на Северна Македонија продолжува со интензивирање на меѓународната соработка

30.05.2024

Следејќи ги активностите за интензивирање на меѓународната соработка, посебно соработката со развојните финансиски институции од регионот, Развојната банка на Северна Македонија на покана од Фондот за развој на Република Србија, учествуваше на Меѓунарoдната конференција „Модели за финансирање на развојот во Западен Балкан“ која се одржа на 24-ти Мај 2024 година во Белград.

 

   

 

На панел дискусијата под наслов: „Развојните финансиски институции како важен поттик за забрзување на стопанскиот развој на државите“, раководителот на Службата за план и анализа д-р Горан Ковачев, потенцираше дека РБСМ АД Скопје, како един��твена развојна банка во Република Северна Македонија, во целосна државна сопственост, силно го поддржува растот и развојот на микро, малите и средни претпријатија во државата преку својата широка палета на производи. Д-р Ковачев се осврна на интензивниот раст на Банката во последните неколку години и додаде дека Развојната банка во согласност со стратешките цели на државата и во следниот период ќе продолжи да ги поддржува домашните компании, нудејќи им исклучително поволни услови за финансирање, притоа изнаоѓајќи дополнителни средства за таа намена од етаблирани меѓународни финансиски институции.

Според учесниците на Конференцијата, Развојната банка на Северна Македонија е добар модел по кој развојните фондови во регионот во иднина би можеле да еволуираат и да го трансформираат своето работење како развојни банки.