Работна пречистена Одлука на Владата на РСМ за условите и критериумите за репласирање на средствата од Компензационите фондови од странска помош со последни промени од 03.06.2022 год.
РАБОТНА ПРЕЧИСТЕНА ОДЛУКА ЗА УСЛОВИТЕ И КРИТЕРИУМИТЕ ЗА РЕПЛАСИРАЊЕ НА СРЕДСТВАТА ОД КОМПЕНЗАЦИОНИТЕ ФОНДОВИ ОД СТРАНСКА ПОМОШ
Оваа работна пречистена одлука е направена со цел полесно информирање на потенцијалните кредитокорисници и не произведува никакво правно дејство. Изворната Одлука како и Одлуките за изменување и дополнување се претставени дополнително.
Член 1
Средствата од сметките на Компензационен фонд за странска помош Италија, Компензационен фонд за странска помош и Компензационен фонд за странска помош – Јапонија кои ги формираат Компензациониот фонд од странска помош и Компензациониот фонд од друга странска помош (во натамошниот текст: фондови) со состојба на 31.5.2012 година се префрлаат на три посебни наменски сметки на Македонска банка за поддршка на развојот АД Скопје (во натамошниот текст: Банка) во Народна банка на Република Македонија.
Банката во име и за сметка на Владата на Република Македонија врз основа на склучен договор со Владата на Република Македонија ќе управува со средствата и ќе одобрува кредити на правни лица регистрирани во Република Македонија според условите и критериумите утврдени со оваа одлука.
Договорот од став 2 на овој член во име и за сметка на Владата на Република Македонија се потпишува од министерот за финансии.
Член 2
Средствата од фондовите ќе се користат за одобрување кредити на:
• микро, мали и средни претпријатија кои се занимаваат со примарно земјоделско производство,
• микро, мали и средни претпријатија кои се занимаваат со преработка на земјоделски производи и
• микро, мали и средни претпријатија кои се занимаваат со откуп и извоз на примарни земјоделски производи и нивни преработки.
Средствата ќе се одобруваат за подобрување и развој на нивните производни способности, за настап на домашниот и странските пазари, зголемување на инвестициите, за зголемување на вработеноста, за продуктивно почетно инвестирање и за зголемување на конкурентноста.
Микро, мали и средни претпријатија во смисла на оваа одлука се микро, малите и средни претпријатија дефинирани согласно Законот за контрола на државната помош.
Член 2-а
За време на траење вонредната состојба во врска со пандемијата Коронавирус Covid-19 и три месеци по престанокот на траењето на вонредната состојба Банката одлучува и за промена на договорните услови на барање на кредитокорисниците и за реструктуирање на побарувањата на крајниот корисник.
Член 3
Банката во име и за сметка на Република Македонија склучува договори за кредит со корисниците на средства согласно оваа одлука.
Член 4
Кредитобарателите треба да ги исполнуваат следните критериуми:
o сопствено учество најмалку 10% од вкупната инвестиција (истото не мора да е во парични единици, односно може да е и во средства);
o степен на тековна ликвидност од минимум 0,5 пресметан како сооднос на тековните средства и тековните обврски од Билансот на состојба за последната фискална година;
o степен за способност за сервисирање на долг од минимум 0,3 пресметан како сооднос на нето добивката и амортизацијата од една страна и тековните обврски по камати и главници, од податоците содржани во Билансот на успех и Билансот на состојба за последната година;
o позитивни финансиски резултати во последната фискална година, освен доколку кредитокорисникот приложи банкарска гаранција;
o да нема достасани неизмирени обврски кон државата (даноци и придонеси);
o согласно податоците од кредитниот регистар на Народна банка на Република Северна Македонија кредитокорисникот да е во класификација подобра или еднаква на Б (просечна ризичност) категорија на ризик или да немаат кредитна изложеност.
o При проверка на исполнетоста на критериумите и класификацијата од овој член не се зема во предвид изложеноста и билансите на поврзаните субјекти.
По исклучок од став 1 на овој член кредитобаратели можат да бидат:
- Новоосновани претпријатија чии што основачи се правни лица со позитивен финансиски резултат во последната фискална година и
- претпријатија кои во последната фискална година оствариле негативен финансиски резултат, доколку обезбедат банкарска гаранција за одобрениот кредит.
Член 5
Средствата се одобруваат за кредити под следните услови:
1. За кредити за примарно земјоделско производство со кои може да се набават основни и обртни средства за:
- растително производство: поледелство (житни, индустриски, градинарски и фуражни култури); овоштарство; лозарство;
- сточарско производство: говедарство, овчарство, свињарство, козарство, живинарство, аквакултура, пчеларство;
- нова земјоделска погонска и приклучна механизација;
Износ на кредитот е до 30.750.000 денари.
Годишна каматна стапка е 1%. Рок на враќање до 120 месеци со вклучен грејс период до 24 месеци за инвестиции и до 24 месеци со вклучен грејс период до 12 месеци за обртни средства.
За време на грејс периодот се пресметува и наплатува камата.
Провизија за управување се пресметува во висина од 0,6% годишно, а Развојна банка на Северна Македонија ќе ја наплаќа од фондот и тоа 0,15% квартално на салдото на пласирани кредити.
2. За кредити за преработка на земјоделски производи со кои може да се набават основни и обртни средства и тоа:
- опрема за преработка на земјоделски производи;
- изградба на нови и купување или реконструкција на постоечки производни објекти во функција на преработка и складирање на земјоделски производи;
- откуп на земјоделски производи за преработка (најмалку 70% од основната суровина за преработка треба да биде со потекло од домашно производство);
- набавка на сите видови компоненти за производство на добиточна храна;
- набавка на компоненти од неземјоделско потекло во функција на крајниот производ (најмногу 30% од инвестицијата);
- амбалажа и етикетирање.
Износ на кредитот е до 30.750.000 денари.
Годишна каматна стапка е 1%.
Рок на враќање 120 месеци со вклучен грејс период до 24 месеци за инвестиции и до до 24 месеци со вклучен грејс период до 12 месеци за обртни средства.
За време на грејс периодот се пресметува и наплатува камата.
Провизија за управување се пресметува во висина од 0,6% годишно, а Развојна банка на Северна Македонија ќе ја наплаќа од фондот и тоа 0,15% квартално на салдото на пласирани кредити.
3. За кредити за извоз на примарни земјоделски производи и нивни преработки со кои може да се набават основни и обртни средства за потребите на откуп и извоз и тоа:
- разладни уреди за кондициско одржување на употребливата вредност на производите до нивната продажба;
- машини за калибрирање и пакување;
- изградба на нови и купување или модернизација на постоечки објекти за постбербени активности (складирање, кондициско одржување на производите до нивна продажба, калибрирање, пакување) за овошје и зеленчук и собирни центри за млеко;
- откуп на примарни земјоделски производи наменети за извоз;
- откуп на преработени земјоделски производи наменети за извоз (100% домашно потекло);
- амабалажа и етикетирање.
Износ на кредитот е до 30.750.000 денари.
Годишна каматна стапка е 1%.
Рок на враќање 120 месеци со вклучен грејс период до 24 месеци за инвестиции и до до 24 месеци со вклучен грејс период до 12 месеци за обртни средства.
За време на грејс периодот се пресметува и наплатува камата.
Провизија за управување се пресметува во висина од 0,6% годишно, а Развојна банка на Северна Македонија ќе ја наплаќа од фондот и тоа 0,15% квартално на салдото на пласирани кредити.
Кредитокорисникот и со него поврзаните лица наведени во изјавата за поврзани лица може да користат само еден од кредитите од точка 1, 2 и 3 наведени во став 1 на овој член до максимално предвидениот износ на кредитот.
Задолжувањето на корисникот, пресметувањето на каматата и плаќањето на доспеаните обврски ќе се врши во денари.
Во случај на задоцнување на плаќањето на обврските во утврдените рокови на стасаните, а неизмирени обврски се пресметува и наплатува казнена камата сметано од првиот ден на стасувањето до денот на наплатата во висина пропишана со закон.
Член 6
Користењето на кредити од член 5 од оваа одлука се остварува врз основа на поднесено барање до Банката.
Кон барањето подносителот е должен да достави:
- инвестициона програма или бизнис план;
- информација за тековна состојба на субјектот и тековна состојба за вистински сопственик, издадена од Единствениот трговскиот регистар при Централниот регистар на Република Северна Македонија;
- докази за исполнување на критериумите утврдени во член 4 од оваа одлука; - потврда за запишано земјоделско стопанство и пријавени производни капацитети издадена од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство при аплицирање за кредити за примарно земјоделско производство;
- за користење на кредити за откуп на примарни земјоделски производи да достави важечки договор за производство и откуп со примарниот производител;
- решение за упис во соодветните регистри на преработувачи и извозници на земјоделски производи при Министерство за земјоделие, шумарство и водостопанство при аплицирање за кредити за преработка на земјоделски производи и извоз на примарни земјоделски производи и нивни преработки;
- ЗП образец копие (образец за потписници во име на фирмата);
- Потписен картон (копија)
- Изјава за капитална поврзаност и изјава за носител на јавна функција;
- Биланс на состојба и биланс на успех најмалку за последната фискална година (копија);
- Ревизорски извештај, (се однесува за трговски друштва кои согласно закон се обврзани да изготвуваат ревизорски извештај);
- Акционерска книга или книга на удели;
- Документација за можното обезбедување;
- Документација за основните средства што ќе се финансираат од кредитот (понуда или профактура или договор или спецификација и сл.)
Член 7
За одобрување на користењето на кредит одлучува Банката и со корисникот на кого му е одобрено користење на кредитот се склучува договор.
Како обезбедување кон договорот за кредит на износ до 6.100.000 денари потребно е кредитокорисникот да приложи:
- хипотека од прв ред на недвижен имот најмалку во висина од 1:1,00 во однос на износот на одобрениот кредит и пресметаната камата, и меница авалирана од сопственикот/сите сопственици на кредитокорисникот со менична изјава за уредување на правата и обврските по меницата во форма на нотарски акт со извршна клаузула, или
- банкарска гаранција во висина на износот на одобрениот кредит.
Како обезбедување кон договорот за кредит на износ над 6.100.000 денари потребно е кредитокорисникот да приложи:
- хипотека од прв ред на недвижен имот најмалку во висина од 1:1,20 во однос на износот на одобрениот кредит и пресметаната камата, и меница авалирана од сопственикот/сите сопственици на кредитокорисникот со менична изјава за уредување на правата и обврските по меницата во форма на нотарски акт со извршна клаузула, или
- банкарска гаранција во висина на износот на одобрениот кредит.
Проценката на заложениот имот со хипотека согласно став 2 и 3 од овој член се врши само при воспоставување на обезбедувањето од страна на овластен проценувач согласно позитивната законска регулатива.
Член 8
Средствата од одобрениот кредит се префрлаат по барање на корисникот на негова сметка и истите се користат само за намената за која се одобрени во рок од 90 дена од денот на приемот на средствата.
За наменското искористување на средствата, корисникот доставува соодветна документација до Банката во рок од осум дена од денот на плаќањето.
Член 8-а
Предмет на кредитирање можат да бидат и набавки кои се реализирани до 180 денови пред поднесување на кредитното барање од страна на кредитобарателот до Банката.
Како доказ за наменско искористување на средствата од став 1 од овој член, кредитобарателот заедно со документацијата наведена во член 6 од оваа одлука, дополнително ја доставува и целокупната документација за извршените набавки (фактури, договори за купопродажба, банкарски налози и изводи и друга документација).“
За сите исплатени кредити, без разлика дали се за основни или обртни средства потребно е кредитокорисникот да приложи доказ за наменско користење на средствата.
Член 9
Доколку Банката утврди дека средствата од кредитот се ненаменски искористени, кредитот се смета за доспеан во целост.
Банката го следи наменското користење на средствата во текот на целиот период.
Член 10
Со денот на влегување во сила на оваа одлука престануваат да важат Одлуката за условите и критериумите за репласирање на средствата од компензациониот фонд од странска помош (“Службен весник на Република Македонија“ бр. 60/2004) и Одлуката за репласирање на средствата од Компензационите фондови од друга странска помош („Службен весник на Република Македонија“ бр. 28/2005).
Започнатите постапки ќе се довршат според одлуките врз основа на кои се започнати.
За кредитите кои се одобрени согласно Одлуката за условите и критериумите за репласирање на средствата од Компензациониот фонд од странска помош (“Службен весник на Република Македонија“ бр. 42/1995), Одлуката за условите и критериумите за репласирање на средствата од Компензациониот фонд од странска помош (“Службен весник на Република Македонија“ бр. 51/2001), Одлуката за условите и критериумите за репласирање на средствата од Компензациониот фонд од странска помош (“Службен весник на Република Македонија“ бр. 60/2004) и Одлуката за репласирање на средствата од Компензационите фондови од друга странска помош (“Службен весник на Република Македонија“ бр. 28/2005) ќе се применуваат одредбите од истите до целосно враќање на кредитите.