Вести

Дневник/економија, 11.04.2013


Поволни земјоделски кредити преку МБПР

Земјоделците имаат на располагање повеќе од 6,5 милиони евра преку Македонската банка за поддршка на развојот (МБПР), кои може да ги користат по исклучително поволни услови за повеќе намени, примарно за производство, откуп, преработка и извоз, велат во Владата.
Оттаму објаснуваат дека каматата на овој финансиски инструмент е само 3 отсто, а грејс-периодот е од шест месеци до една година во зависност од големината на сумата. Притоа, аплицирањето не е преку деловните банки, туку директно во МБПР, што претставува дополнително олеснување. Реакцијата на Владата следува по завчерашната изјава на Федерацијата на фармери на Македонија дека кредитите што банките ги нудат за земјоделците се со високи камати и неповолни рокови за отплата.
- Максималниот лимит на една кредитна транша е 300.000 евра за примарно производство или 500.000 евра за откуп, преработка и извоз - изјави портпаролот на Владата, Александар Ѓорѓиев.
Земјоделците можат да користат средства и преку Земјоделскиот кредитен гарантен фонд, кој финансира проекти со максимален износ до 100.000 евра. Реализацијата на заемите е во соработка со деловните банки и штедилниците. Kаматната стапка е меѓу 4 и 5 отсто за банкарски кредит, а 6 отсто за заем преку штедилниците.
Портпаролот потсети и на кредитната линија од 100 милиони евра обезбедени преку Европската инвестициска банка, кои земјоделците може да ги користат со 5,5 отсто субвенционирана каматна стапка. Од вкупно проектираните 10,7 милиони евра обезбедени со докапитализација на МБПР, досега се искористени 3,9 милиони евра, главно за грозје, житни култури и за раноградинарство.

(В.А.)