Вести

Капитал /дневен весник/финансии, 14.05.2013


МБПР повлекува нова транша од кредитот од 100 милиони евра во јуни

Македонските компании досега искористиле 44 милиони евра од последната кредитна линија од Европската инвестициска банка од 100 милиони евра. Од Македонската банка за поддршка и развој (МБПР) најавуваат дека веќе се подготвува повлекување на уште една транша во јуни.
Според информациите од МБПР, најголем дел од овие кредити се земаат за инвестициски проекти и се проценува дека со нивна реализација, ќе се отворат над 1.000 нови работни места.
Банкарите пак велат дека сепак доминираат барања за кредити за обртен капитал.
„Интересот за кредитните линии од ЕИБ е голем. Ова се однесува за потенцијалните нови проекти, но и за рефинансирање на веќе завршени проекти, што значи обезбедување на поевтин извор на финансирање. Секоја нова транша е добродојдена во овие влошени услови на економска активност, иако евидентен е трендот на намалување на бројот на барања за нови инвестициски проекти. Новите барања во најголем дел се за обртни средства и за рефинансирање на завршена инвестиција. Факт е дека постои тенденција на намалување на каматните стапки на пазарот, што во некој дел ја намалува корисноста од оваа линија, кај која главна предност е ниската каматна стапка од 5,5%“, објаснуваат од Комерцијална банка.
МБПР досега има искористено во целост две кредитни линии од 100 и 50 милиони евра од ЕИБ.