Вести

Прес-конференција: Нови 10,7 милиони евра за македонските компании

На 12.07.2012 со почеток во 11:30 часот во просториите на Македонска банка за поддршка на развојот се одржа прес-конференција по повод новите 10,7 милиони евра според Договорот за Нова кредитна линија за преработка и извоз на земјоделски производи, под исклучително поволни услови, со која што се зголемува кредитниот потенцијал на Банката. Овие средства се наменети пред се за фирмите што се занимаваат со преработка на земјоделски производи.

 

Договорот помеѓу МБПР и Владата, со кој што се обезбедуваат средствата беше врачен денеска од страна на вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на претседателот на Надзорниот одбор на Банката Оливер Костуранов.

   

Претседателот на Надзорниот одбор на Банката, Оливер Костуранов истакна дека овие средства даваат дополнители можности за подобрување и развој на производните и конкурентските способности на малите и средни претпријатија.

МБПР ја нуди оваа кредитна линија под многу поволни услови со каматна стапка од 3% за крајните корисници, рок на отплата до пет години и грејс период од една година за кредити за основни средства и 18 месеци рок на отплата и три месеци грејс период за кредити за обртни средства. Барањата ќе се поднесуваат директно во Македонска банка за поддршка на развојот во Скопје.