Вести

Презентација на новите кредитни линии за МСП

Македонска банка за поддршка на развојот во соработка со Стопанската комора на Македонија и Регионалните комори, одржува континуирани презентации на новите кредитни линии за мали и средни претпријатија на територијата на РМ со цел нивно промовирање како и обезбедување на поголема информираност а со тоа и достапност на истите до сите потенцијални корисници како што се малите и средни претпријатија во РМ.

Прилеп, 25.10.2012 – На презентацијата учествуваа поголем број мали и средни компании од прилепско-крушевскиот регион кои со интерес ги проследија претставниците на Македонска банка за поддршка на развојот, Александар Станојковски и Дарко Стефановски за подеталните можности кои им стојат на располагање на малите и средни претпријатија. Беа презентирани и образложени неколку кредитни линии, како и другите финансиски инструменти кои можат да им помогнат на компаниите во секојдневното работење. Присутните претставници на малите и средни претпријатија голем интерес покажаа за кредитната линија од 100.000.000 евра со годишна фиксна камата од 5.5% со вклучени банкарски услуги.
Презентацијата беше и медиумски покриена од страна на локалната телевизија на која со поопширни изјави и се обратија претставниците на МБПР со цел да се информираат сите мали и средни компании за производите и услугите на Банката со посебен акцент на кредитната линија за преработка и извоз на земјоделски производи како и кредитната линија од ЕИБ.

 

Охрид, 09.10.2012 – Презентацијата се одржа во просториите на општина Охрид со учество на над 25 компании од охридско-струшкиот регион. На компаниите подетално им беа претставени можностите кои им стојат на располагање, различни кредитни линии и други финансиски производи кои можат да им помогнат во секојдневното работење. Настанот беше проследен и од средствата за јавно информирање.

 

Битола, 21.09.2012 - Во соработка со Регионалната комора со седиште во Битола, Македонска банка за поддршка на развојот одржа презентација на новите кредитни линии наменети за малите и средни претпријатија.
Пред присутните стопанственици презентацијата ја изврши Александар Станојковски. Првично тој се осврна на улогата на Македонската банка за поддршка на развојот со повеќе видови финансиски производи и нивните детални карактеристики што се нудат, како што се: кредитирањето, администрирањето, осигурувањето на домашни и побарувања од странство и како новина, извозниот факторинг.

Од расположивите кредитни линии подетално беа објаснети:
• кредитната линија за откуп, преработка и извоз на земјоделски производи со 3% каматна стапка;
• кредитната линија од земјоделскиот кредитен дисконтен фонд (ЗКДФ) со 4%;
• поддршка на МСП, инвестициски кредити од ЕИБ и МБПР со 5,5%;
• поддршка преку приоритетни проекти со 5,5%;
• кредитната линија за поддршка на извозот со 6%;
• кредитната линија од посебниот кредитен фонд до 8% годишна каматна стапка.
Покрај овие линии беа спомнати и трговско-извозното и домашно осигурување, извозното кредитно осигурување на подружници во странство, трговското кредитното осигурување и факторингот.
Оваа презентација беше организирана со цел да им се помогне на малите и средни претпријатија во нивниот развој т.е. да им се објасни на претпријатијата целокупната процедура и потребната документација за аплицирање на ваквите видови кредитни линии и да се има што поголемо искористување на расположивите средства.
Целокупниот настан предизвика интерес кај стопанствениците во регионот и вроди со продуктивна дискусија во текот на презентацијата. Тие истакнаа дека се заинтересирани за користење на ваков вид на средства и за искористување на поволностите што ги нудат овие кредитни линии. Посебен фактор е моменталната состојба во тешки економски услови и проблематична ликвидност, па затоа секоја помош е добредојдена, се заклучи на крајот од настанот.

                           

Кичево, 17.09.2012 - МБПР одржа презентација на новите кредитни линии во просториите на бизнис-центарот „Дра-го“ од Кичево. Настанот беше организиран од Стопанската комора на Македонија и Регионалната комора со седиште во Кичево.
Претставникот од МБПР, Александар Станојковски, пред повеќе од дваесетина компании детално ги презентираше новите кредитни линии како инструменти кои ќе им помогнат на компаниите во започнувањето на нови деловни зафати, како и подобрување на нивните веќе постоечки бизниси. Многу детално беа образложени осигурувањето на побарувањата, како и факторингот, како нов инструмент за поддршка на извозот.
Компанијата „Дра-го“ од Кичево, која се занимава со преработка и продажба на свеж и бел лупен замрзнат костен, пред присутните ги истакна позитивните искуства од соработката на нивната фирма со Банката, во постапката за одобрување на кредит за преработка на костени, која планираат идниот месец да ја пуштат во производство. Присутните претставници на компаниите покажаа голем интерес за кредитните линии на Македонската банка за поддршка на развојот.