Вести


Се повикуваат сите заинтересирани микро, мали и средни претпријатија кои се занимаваат со преработка на земјоделски производи односно откуп и извоз на земјоделски производи и нивни преработки ДА ПОДНЕСАТ БАРАЊЕ ЗА КРЕДИТ во МБПР од кредитната линија за финансирање на:

  1. Преработка на земјоделски производи со максимален рок на отплата од 5 години и вклучен грејс период до 1 година (за основни средства) и со максимален рок на отплата од 1,5 години со вклучен грејс период до 3 месеци (за обртни средства). Максималниот износ за оваа кредитна линија е до 300.000 ЕУР (денарска противвредност), а по исклучок за откуп на суровини за преработка на грозје, пченица, овошје и зеленчук износот може да изнесува најмногу до 500.000 ЕУР (денарска противвредност);
  2. Извоз на примарни земјоделски производи и нивни преработки со кои можат да се набават основни и обртни средства за потребите на откуп и извоз, со максимален рок на отплата од 5 години и вклучен грејс период до 1 година (за основни средства) и со максимален рок на отплата до 1,5 години со вклучен грејс период до 3 месеци (за обртни средства). Максималниот износ за оваа кредитна линија е до 300.000 ЕУР (денарска противвредност).

Каматната стапка за квалификуваните крајни корисници е 3% фиксна годишно, при што исплатата и наплатата на кредитот се врши во денари.
Се наплатува и еднократна провизија за управување од 0,8%.
Како квалификувани корисници ќе се сметаат микро, малите и средни претпријатија дефинирани согласно Законот за контрола на државната помош.
Кредитобарателот треба да ги исполнува и следните критериуми:

  • минимално сопствено учество најмалку во висина од 20% од вкупната инвестиција,
  • задоволителен степен на ликвидност и способност за сервисирање на долгот,
  • позитивен финансиски резултат во последната фискална година и
  • да нема достасани неизмирени обврски кон државата.

За обезбедување на кредитот кредитокорисникот треба да понуди хипотека од прв ред на недвижен имот најмалку во висина од 2:1 во однос на износот на одобрениот кредит и пресметаната камата или банкарска гаранција во висина на одобрениот кредит и пресметана камата.

Заинтересираните потенцијални кредитобаратели барањата треба да ги доставуваат до МБПР на адреса: ул. „Вељко Влаховиќ“ бр. 26, п.фах 379, 1000 Скопје, Република Македонија.
Заедно со уредно пополнето Барање за кредит, треба да се достават и следните документи:

  •  Апликација за идентификација на клиентот,
  • Изјава за поврзаност со други физички/правни лица,
  • Инвестициска програма или бизнис план,
  • Информација за тековна состојба на субјектот издадена од Единствениот трговски регистар при Централниот регистар на РМ,
  • Доказ за немање на достасани неподмирени обврски кон државата,
  • Договор за откуп со примарниот производител,
  • Решение за упис во регистар на преработувачи и извозници на земјоделски производи при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство,
  • ЗП Образец,
  • Потписен картон,
  • Изјава за капитална поврзаност,
  • Биланс на состојба и Биланс на успех, најмалку за последната фискална година и заклучни листови со истите дати и заклучен лист за тековната година со последна дата која е прокнижена,
  • Промет на жиро-сметка за тековната година или минимум за последните шест месеци,
  • Аналитички прегледи по коминтенти (купувачи, добавувачи и кредити),
  • Ревизорски извештај (се однесува за трговски друштва кои согласно законот се обврзани да изготват ревизорски извештај),
  • Акционерска книга и книга на удели,
  • Документација за обезбеден пазар за набавка на суровини и продажба на готови производи,
  • Документација за планирани набавки на суровини и продажба на готови производи,
  • Документација за набавки од кредитот,
  • Документација за можно обезбедување,
  • Изјава за задолженост во други банки и финансиски институции.

Повеќе информации за кредитната линија во „Агроиндустрија“или на нашите Контакт телефони.

На 12.07.2012 со почеток во 11:30 часот во просториите на Македонска банка за поддршка на развојот се одржа прес-конференција по повод новите 10,7 милиони евра според Договорот за Нова кредитна линија за преработка и извоз на земјоделски производи, под исклучително поволни услови, со која што се зголемува кредитниот потенцијал на Банката. Овие средства се наменети пред се за фирмите што се занимаваат со преработка на земјоделски производи.

 

Договорот помеѓу МБПР и Владата, со кој што се обезбедуваат средствата беше врачен денеска од страна на вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на претседателот на Надзорниот одбор на Банката Оливер Костуранов.

   

Претседателот на Надзорниот одбор на Банката, Оливер Костуранов истакна дека овие средства даваат дополнители можности за подобрување и развој на производните и конкурентските способности на малите и средни претпријатија.

МБПР ја нуди оваа кредитна линија под многу поволни услови со каматна стапка од 3% за крајните корисници, рок на отплата до пет години и грејс период од една година за кредити за основни средства и 18 месеци рок на отплата и три месеци грејс период за кредити за обртни средства. Барањата ќе се поднесуваат директно во Македонска банка за поддршка на развојот во Скопје.

>>Вести

10.07.2012 - Потпишан е Договор за заем помеѓу МБПР и ЕИБ во износ од 100 милиони евра за финансирање на мали и средни претпријатија и приоритетни проекти. Со потпишувањето на овој договор се отпочнува со реализацијата на третата фаза од ЕИБ кредитната линија (првата фаза во износ од 100 милиони евра и втората фаза од 50 милиони евра се претходно успешно реализирани). Кредитната линија ќе се реализира преку единаесет банки учеснички:

  1. Комерцијална банка ад Скопје
  2. Стопанска банка ад Скопје
  3. Стопанска банка ад Битола
  4. НЛБ Тутунска банка ад Скопје
  5. Охридска банка ад Охрид
  6. Прокредит банка ад Скопје
  7. Халкбанка ад Скопје
  8. Шпаркасе банка ад Скопје
  9. Уни банка ад Скопје
  10. ТТК банка АД Скопје,
  11. ЦКБ банка АД Скопје

На 15.05.2012 год. Македонска банка за поддршка на развојот (МБПР) и Македонската асоцијација на преработувачи (МАП) потпишаа Меморандум за соработка.

Целта на овој Меморандум е да се зајакне соработката, посебно во делот на пристапот на членките на Асоцијацијата до производите и услугите на МБПР и тоа:

  • осигурување на домашни и странски побарувања, со цел намалување на ризиците од ненаплата на своите побарувања;
  • факторинг со цел овозможување на краткорочни финансиски премостувања и зголемување на ликвидноста на компаниите;
  • кредитирање, односно поголемо вклучување на членките  во користењето на поволните кредитни линии вклучително и кредитната линија од ЕИБ, кредитната линија со гарантна шема за оние бизниси каде проблем е обезбедувањето, кредитната линија за поддршка на извозот каде членките може по принцип на неконкурентност и економска оправданост своите барања да ги поднесуваат до деловните банки учеснички или директно до МБПР како и користење на останатите кредитни линии.

Исто така, целта на Меморандумот е и овозможување почеста размена на информации се’ со цел во иднина креирање на најсоодветни инструменти и механизми за поддршка на македонските компании.

Со доследното спроведување на зацртаното во Меморандумот се очекува подобрување на деловното работење на пооделните компании членки на оваа Асоцијација но и зголемени девизни приливи во државата, развој на земјоделството од каде овие членки ги набавуваат главните суровини, намалување на невработеноста и сл.