Вести

РБСМ-14.04.2020

 

На денешната седница Владата ја разгледа и усвои Информацијата на Развојна банка на Северна Македонија за вториот пакет одобрени барања од обработените апликации на компании кои ги исполнуваат условите и критериумите за бескаматни кредити од Јавниот повик од првиот пакет економски мерки.

Согласно оваа информација, на уште 118 компании со 1.116 вработени, им се одобри користење на бескаматни кредити во вкупен износ од 936.602 евра.

Во првата и втората група, се одобрени вкупно 254 кредитни апликации во вкупен износ од 2,2 милиони евра, за компании со 2,853 вработени.
По структура од вкупно одобрените кредитни апликации, микро компаниите до 10 вработени учествуваат со 69%, малите компании до 50 вработени учествуваат со 28%, а средните компании до 250 учествуваат со 4%.

Доставата на Информации со обработени кредитни апликации кои исполнуваат услови до Владата ќе се одвива редовно, на неделно ниво, сè додека не се исцрпат во целост средствата од кредитната линија Ковид 1.

Досега до Развојната банка на Северна Македонија се пристигнати повеќе од 1,050 кредитни апликации на износ од 7,5 милиони евра.

Најдоцна до крајот на неделата Развојна банка ќе стапи во контакт со сите компании чии кредитни апликации беа одобрени на денешната седница на Влада заради реализација на договорите за кредит.

Линк: Влада на РСМ


РБСМ-10.04.2020

 

 


Кире Наумов, директорот на Развојна банка на Северна Македонија, очекува следната недела да се исплатат првите бескаматни кредити на засегнатите претпријатија-апликанти. Кредитите ќе се одобруваат со рок на отплата до 2 години со вклучен грејс период од 6 месеци со намена за обртни средства. Првите апликации од 1.263.079 евра веќе се одобрени од Владата. Наумов за „Фактор“ вели дека интересот е огромен, а безмалку сите претпријатија имаат до 50 вработени.

„Можам да споделам дека интересот досега е одличен. Пред два дена за првпат доставивме до Владата информација со 136 обработени кредитни апликации за исто толку компании што вкупно имаат 1.737 вработени. Кредитните апликации се работат тековно, очекуваме најмалку еднаш неделно да доставуваме вакви информации до Владата за да бидат одобрени и да можеме да склучуваме договори со компаниите. Исплатите за оваа прва група ги очекуваме веќе следнава недела.
Она што сметам дека е особено важно е дека од овие 136 компании - 94 отсто се однесуваат за компании што вработуваат до 50 вработени. Или, да бидам уште попрецизен, 89 од 136 компании што се предложија на првото одобрување се микро компании кои имаат до 10 вработени. Во оваа група одобрени апликации, има застапено од 30-тина градови во земјата, од сите дејности што ги таргетиравме - транспорт: 65 компании, угостителство: 60 компании и туризам: 11 компании“, вели Наумов.

Веќе е познато дека отплатата на кредитот од страна на кредитокорисникот ќе се врши во квартални отплати. Кредитите се бескаматни и без трошоци за администрирање. Кредитите ќе бидат обезбедени со меница. Некои земји, како на пример Бугарија, како една од мерките за справување со економските последици од корона вирусот посегнаа кон зголемување на капитализацијата на развојните банки. Наумов вели дека зголемувањето на капитализацијата не се однесува на бескаматни кредити, иако очекува следната година Владата добро да го разгледа ова прашање.

„Развојната банка, како и развојните банки во регионот и во светот, освен што е банка, има една специфична улога и да ја поддржува економијата и државните т.е. владините политики за подобар економски развој. За бескаматните кредити, Развојна банка на Северна Македонија дејствува како поддршка на владините политики. Овие кредитни линии ги спроведуваме во име и за сметка на државата.

Оттука, докапитализацијата, односно зголемување на сопствениот капитал на банката, не е тема поврзана со бескаматните кредити. Но во иднина, следната година на пример, верувам дека Владата ќе има позитивен став за докапитализација на Развојната банка од аспект на тоа самата банка да може да понуди поголема поддршка на компаниите во делот на поддршка на домашните компании со осигурување на извозот во странство, откупување на нивните побарувања (факторинг) во странство и во земјата, и слично“, тврди поранешниот заменик-министер за економија.

Покрај бескаматните кредити, кои треба да изнесуваат 5,7 плус 8 милиони евра, Развојната банка, вели Наумов, работи на следната фаза со многу поволни кредити да се помогне стопанството. За тоа се работи на тековниот договор за заем од Европската инвестициона банка, за користење на 50-тина милиони евра поволни кредити наменети за мали и средни претпријатија додека трае кризата со неликвидност.

„Она што во моментов го работиме за да стане достапно преку деловните банки до крајните корисници-компаниите, се средства од 50,9 милиони евра од ЕИБ кредитната линија петта фаза. Она што е ново е дека Владата се вклучи во делот на субвенционирање на трошокот за камата на оваа кредитна линија која Развојна банка ја користи од ЕИБ. Со ова направивме максимални заеднички напори деловните банки да може да понудат каматни стапки кон крајните корисници под исклучително поволни услови. Овие средства очекуваме дека ќе бидат ангажирани најмногу за тековни обртни средства од компаниите.
Исто би сакал да споменам дека во периодов има и други меѓународни институции кои се заинтересирани преку Развојната банка да ја помогнат економијата на земјата во следниот период. Тука пред сé зборувам не само за тековниов период во кој главен фокус е задоволување на ликвидносните потреби на компаниите - туку и за периодот на заздравување што следи кога банките ќе треба да ѝ бидат најголема поткрепа на економијата и на компаниите“, дополнува директорот на РБСМ.

Извор: Фактор

РБСМ, 08.04.2020

Од 38-та седница на Владата:

„Одобрени првите бескаматни кредити за поддршка на 136 мали и средни компании
со 1.737 вработени во висина од 1,26 милиони евра“

 

 

На оваа седница министрите во Владата ја разгледаа и усвоија информацијата за барањата кои ги исполнуваат критериумите од Јавниот повик бр.1 за кредити од Кредитната линија од Посебниот кредитен фонд (ПКФ) со цел намалување на последиците од коронавирусот КОВИД-19.

Владата ја задолжи Развојната банка на Северна Македонија АД да склучи договори за кредит со кредитобарателите кои ги исполнуваат условите и критериумите за бескаматни кредити. Според информацијата на Развојната банка на Северна Македонија, од обработените барања условите ги исполниле 136 компании со 1.737 вработени, и на нив им се одобруваат бескаматни кредити во вкупен износ од 1.263.079 евра.

Од овие 136 компании-апликанти, 96% се компании до 10 и компании до 50 вработени, што покажува дека средствата од бескаматната линија Ковид1 примарно ќе стигнат до микро и малите компании. Доставата на Информации со обработени кредитни апликации кои исполнуваат услови до Владата ќе се одвива редовно, на неделно ниво, сè додека не се исцрпат во целост средствата од кредитната линија Ковид1, односно од Кредитната линија од Посебниоткредитен фонд (ПКФ) со цел намалување на последиците од коронавирусот КОВИД-19.
 
Најдоцна до крајот на неделата Развојна банка ќе стапи во контакт со сите компании чии кредитни апликации беа одобрени на денешната Седница на Влада заради реализација на договорите за кредит.

 

РБСМ, 04.04.2020

Во врска со Јавниот повик бр.1 објавен од РАЗВОЈНА БАНКА НА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА АД Скопје на ден 25.03.2020 година, Ве известуваме дека се проширува листата на дејности од НКД, кои може да аплицираат за кредитната линија, со следните дејности:

Шифра    Н а з и в
 49.31  Градски и приградски патнички копнен транспорт
 49.39  Друг патнички копнен транспорт, неспомнат на друго место
 50.3  Внатрешен патнички воден транспорт


Воедно ве известуваме дека при оценка на поднесените апликации по Јавниот повик бр.1, нема да се применува критериумот за одобрување:
• показателот за тековна ликвидност треба да е најмалку 0,9 а се пресметува како сооднос меѓу тековните средства и краткорочните обврски. Показателот се пресметува на база на биланс на состојба од последната фискална година.