За три години пласиравме речиси 300 милиони евра за поддршка на 7.500 проекти
„Во двете пандемиски, и во оваа кризна година што изминува, каде што имавме високи цени на енергијата и инфлација, Развојната банка пласираше кредити во стопанството во износ од 294 милиони евра за поддршка на над 7.500 проекти. Само во 2022 година пласирани се средства во износ од 107 милиони евра. Пласманите на кредитите се во различни дејности. Најголем процент околу 40% се за поддршка на микро, мали и средни компании во производствената дејност.“
Развојна банка континуирано го зголемува своето учество во вкупните бруто - кредити пласирани кон нефинансиските друштва од страна на банкарскиот сектор, така што, заклучно со 30.09.2022 година, 7,3% од бруто - кредитите се од средства на РБСМ. За споредба, во истиот период лани, овој процент изнесуваше 5,3%.
Гарантната шема им овозможува на компаниите обезбедување на дел од колатералот за одобрени кредити. Користењето на овој продукт е во постојан раст и во моментов износот на гарантирани кредити изнесува 7,6 милиони евра за 97 компании. Очекуваме и во иднина да се интензивира искористеноста на производите од Гарантниот фонд.
Уште во првите месеци откако се разгоре кризата со Ковид пандемијата во 2020 година, Развојната банка на Република Северна Македонија (РБРСМ) стана многу актуелна во домашниот бизнис сектор по своите повици за поволните кредитни линии што требаше да им помогнат на компаниите да ги ублажат последиците од одеднаш затворената економија. Пандемијата стивна, но дојде нова криза со цените на енергенсите и останатите суровини, како последица на војната во Украина што почна во февруари годинава, што значеше дека на македонските компании се’ уште им е потребна поддршка за обртни средства и сл. Со директорот на Развојната банка, г-дин Кире Наумов, разговаравме околу тоа колкаво беше значењето за домашните компании на кризните кредитните линии и останатите инструменти што оваа државна институција ги пласираше изминатиов период, при што треба да ги споменеме и редовните кредитни линии од Европската инвестициска банка, ЕИБ5 и ЕИБ6, во износ од 150 милиони евра.
Г-дин Наумов, поминавме исклучително тешка година на економски план... Развојната банка уште во пандемиските 2020 и 2021 се вклучи во ублажување на кризата за домашните компании. Кажете ни во кратки црти, кои беа клучните реализирани програми и кредитни линии изминативе три години?
Развојната банка одигра значајна улога во справување со кризите изминатиов период со кои беа соочени домашните компании, почнувајќи од Ковид кризата, енергетската и ценовната криза во насока на воведување на нови кредитни линии и производи за поддршка на компаниите. Ќе ги истакнам само клучните кредитни линии и производи кои ги воведовме во последните три години:
- Четири бескаматни КОВИД кредитни линии за поддршка на компаниите за справување со Ковид кризата, со директно кредитирање преку РБСМ, преку кои се поддржани 4.134 компании во износ од 45 милиони евра (две од нив со грант компонента);
- Три кредитни линии за поддршка на компаниите за справување со енергетската криза во износ од 25 милиони евра;
- Субвенционирање на камата по кредити дадени од деловните банки кои ја реинвестирале добивката, во износ од 2 милиони евра;
- Овозможено олеснување на условите на кредитната линија за производство, преработка и извоз на земјоделски производи во износ од 7 милиони евра;
- Воведен нов производ: Гарантен фонд (гарантна шема) во износ од 15 милиони евра, преку 2 нови видови на гаранции: индивидуални и портфолио гаранции;
- Воведен нов производ: Царински гаранции т.е. гаранции за царински долг при увоз за облагородување, за поддршка на извозот,
- Пласирани се средствата од ЕИБ 5 и ЕИБ 6 кредитните линии во износ од 150 милиони евра за поддршка на 458 проекти.
Неодамна изјавивте и дека активата на Развојната банка е зголемена изминатиов период... Колку изнесува сега, а со колкав дел во вкупното портфолио на корпоративни кредити во банкарскиот сектор учествува сега Банката?
По однос на резултати од работењето на банката,истата бележи зголемена актива во 2020 година споредено со 2019 година за 16,3%, во 2021 година споредено со 2020 годишен раст од 21% и во првата половина од 2022 година растот на активата е 43%, односно истата е порасната од 168 милиони евра на крај на 2019 година на 267 милиони евра во првата половина од 2022 година.
На 13 декември 2022 година се изврши докапитализацијата на Банката износ од 10 милиони евра од Буџетот на државата, со што, вкупниот капитал и резерви на банката изнесуваат 57.5 милиони евра. Средствата за докапитализација на банката во текот на 2023 година ќе бидат ставени на располагање на домашните компании преку поволни кредитни производи согласно потребите кои ги диктира економијата.
Развојна банка континуирано го зголемува своето учество во вкупните бруто-кредити пласирани кон нефинансиските друштва од страна на банкарскиот сектор, така што, заклучно со 30.09.2022 година, 7,3% од бруто-кредитите се од средства на РБСМ. За споредба, во истиот период лани, овој процент изнесуваше 5,3%.
Објаснете за читателите, кои други продукти освен кредитите ги нуди Банката, и каков е досега интересот на компаниите за нив, како на пример, за осигурувањето на извозот?
Развојната банка на домашните компании покрај кредитите им нуди уште два производи: осигурување на извозни и домашни побарувања, и факторинг (откуп на побарувања од странски и домашни купувачи). Интересот за овие два производи континуирано расте, особено во услови на криза кога ризиците од наплата се поголеми и потребата од тековна ликвидност е поголема.
Компаниите може да ги осигурат своите побарувања од комерцијални и политички ризици преку производот кредитно осигурување. Во моментов имаме 80 осигуреници од различни индустриски гранки, со над 500 купувачи во 33 земји.
Исто така, факторингот како производ е во постојан раст изминативе години, како во волуменот, така и во однос на проширено портфолио на купувачи. Овој производ овозможува полесно краткорочно финансирање на компаниите за нивните тековни потреби со што претставува еден вид акцелератор на бизнис циклусите во компаниите.
Како функционира досега гарантната шема?
Гарантната шема им овозможува на компаниите обезбедување на дел од колатералот за одобрени кредити. Користењето на овој продукт е во постојан раст и во моментов износот на гарантирани кредити изнесува 7,6 милиони евра за 97 компании. Очекуваме и во иднина да се интензивира искористеноста на производите од Гарантниот фонд.
За најскоро време се очекува потпишување на договорот со Европската инвестициона банка за нови 100 милиони евра кои ќе бидат на располагање на компаниите во 2023 година. Развојната банка е посветена и на проширување на соработката со други меѓународни инвеститори со цел обезбедување на нови извори на средства, следење на економската состојба и континуирано прилагодување на своите производи во насока на поддршка на компаниите во новонастанатите услови на работење, со посебен акцент на поддршка на инвестиции во зелена економија.